Иницијативата „Мрежа на сини точки“ е дел од надворешнополитичката визија на администрацијата на Трамп, фокусирана на тоа што го нарекува „слободен и отворен индопацифички регион“, претставена од американскиот претседател на самитот на АСЕАН во Манила пред две години

Во обид да понуди алтернатива за кинеската инфраструктурна иницијатива „Еден појас, еден пат“, вредна повеќе милијарди долари, Вашингтон ја најави својата „Мрежа на сини точки“, дизајнирана за одржливо финансирање на инфраструктурата. Американскиот министер за трговија Вилбур Рос ја претстави иницијативата, предводена од американската Корпорација за приватни инвестиции во странство (ОПИК), Јапонската банка за меѓународна соработка (ЈБМС) и Австралискиот оддел за надворешни работи и трговија (АОНТ), на маргините на 35-от самит на АСЕАН во Тајланд. Во соопштението на ОПИК се наведува дека мрежата е дизајнирана за спојување на јавниот и приватниот сектор, за промоција на висококвалитетни, доверливи стандарди за глобален инфраструктурен развој во една отворена и инклузивна рамка, пренесуваат светските медиуми.

– Мрежата на сини точки ќе ги проценува и сертифицира номинираните инфраструктурни проекти, врз основа на придржувањето до општоприфатените принципи и стандарди, за да промовира пазарно поттикнат, транспарентен и финансиски одржлив инфраструктурен развој во индопацифичкиот регион, и низ светот – соопшти ОПИК.

Истовремено, Рос се обиде да ги отфрли сомнежите дека администрацијата на Трамп се дистанцира од регионот, чувство што се продлабочи откако американскиот претседател го испрати советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан на самитот, избегнувајќи го втора година едноподруго.
– Не планираме да ги напуштиме нашите воени или геополитички позиции – порача Рос.

Тој истакна дека многу луѓе погрешно ја протолкувале одлуката на Трамп од 2017 година за повлекување на САД од регионалниот трговски договор Транспацифичко партнерство, како знак за намалување на интересот.
– Ние сме тука постојано, и ќе продолжиме повеќе да инвестираме тука и ќе продолжиме да имаме повеќе билатерална трговија, а јас поминувам многу повеќе време во регионот – додаде Рос.

О’Брајан порача дека иницијативата „Мрежа на сини точки“ ќе биде спротивна на трендот со нискоквалитетни проекти, што доведоа некои земји во должнички замки, алудирајќи со тоа на поплаките на Вашингтон за проектите од „Еден појас, еден пат“, кои наводно ги поткопуваат суверенитетот и финансиската стабилност на вклучените земји. Ваквите обвинувања се најдоа во фокусот во 2017 година, кога Шри Ланка беше принудена да ѝ ја предаде контролата на Кина за своето пристаниште Хамбантота, за да ѝ бидат отпишани една милијарда долари од долгот кон Пекинг.

Иницијативата е дел од надворешнополитичката визија на администрацијата на Трамп, фокусирана на тоа што го нарекува „слободен и отворен индопацифички регион“, претставена од американскиот претседател на самитот на АСЕАН во Манила пред две години. Според податоците на американската влада, трговијата со регионот достигнала 1.800 милијарди долари во 2018 година и помогнала во поддршката на над три милиони американски работни места.

На бизнис-форумот „Мрежа на сини точки“ во Бангкок, Јапонија и САД потпишаа изјава со која ветуваат координирање на десет милијарди долари јапонски инвестиции во проекти за течен природен гас. Другите планови вклучуваат договор за соработка со Азиската развојна банка за одвојување на околу седум милијарди долари за финансирање на други енергетски проекти во Азија. Американскиот проект е именуван според коментарот и истоимената книга на познатиот астроном Карл Саган за една фотографија на Земјата, снимена од вселенското летало „Војаџер“, на која нашата планета изгледа како бледосина точка.