САД нема да учествуваат на самитот за иднината на Авганистан следниот месец во Москва, информира претставник на Стејт департментот.

– Во принцип поддржуваме иницијативи предложени и предводени од Авганистанци, кои имаат за цел да постигнат напредок за мировно решавање за Авганистан. Имајќи ги предвид резултатите од претходните средби во московски формат, сметаме дека е малку веројатно оваа иницијатива да доведе до каков било напредок во оваа насока – изјави американски дипломат за руски медиуми.

Претходно руското Министерство за надворешни работи соопшти дека 12 земји, меѓу кои и САД, биле поканети да учествуваат во консултациите за Авганистан во Москва, закажани за 4 септември. Талибанците, исто така, беа поканети и прифатија учество.

Последниот круг консултации во московскиот формат се одржа во април.