Канцеларијата на американскиот претседател Доналд Трамп наводно авторизирала размена на информации за  нуклеарна енергија со Саудиска Арабија набрзо по убиството на новинарот Џамал Кашоги во октомври минатата година, пренесува „Ројтерс“. 

Американскиот сенатор Тим Каин објаснува дека првото одобрение, наречено „Авторизација 810“, било дадено од Одделот за енергетика на 18 октомври минатата година, 16 дена откако Кашоги беше убиен во Турција, а второто одобрение било дадено на 18 февруари годинава. Кашоги, кој работеше како новинар за „Вашингтон пост“ и отворен критичар на саудискиот принц Мохамед Бин Салман, беше убиен во саудиската амбасада во Истанбул минатата година.

Каин на социјалната мрежа Твитер сподели дека има голема загриженост поради зделките на администрацијата на Трамп со Саудиска Арабија.

Според „Ројтерс“, авторизацијата дозволува трансфер на технологија или информации поврзани со нуклеарни активности надвор од САД. Администрацијата на Трамп дала  седум авторизации на американски компании од 2017 година навака за помош на Саудиска Арабија во изградба на првите два нуклеарни реактори.

Одделот за енергетика не ги објави податоците поврзани со двете дозволи, кои обично се достапни на јавноста, ниту пак јавно ги објави имињата на компаниите кои се засегнати.

И покрај проценките на ЦИА дека саудискиот принц Мохамед Бин Салам стои зад убиството на Кашоги, Трамп одби да зборува против принцот, а не ги прекина ниту деловите односи со Саудиска Арабија.