Вашингтон се закани дека ќе им забрани влез во САД на судиите и на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд (МКС), ќе им ги замрзне средствата и кривично ќе ги гони пред американските судови ако поднесат обвиненија против Американци за воени злосторства извршени во Авганистан

Советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон, им се закани со санкции на Меѓународниот кривичен суд (МКС) и на неговите судии и обвинители доколку поведат истрага за можни воени злосторства извршени од Американци во Авганистан. Во жестокиот напад против трибуналот, тој исто така најави затворање на палестинското дипломатско претставништво во Вашингтон поради барањата до МКС да спроведе истрага за евентуални воени злосторства на Израел извршени против Палестинците.

– САД ќе ги искористат сите неопходни средства за да ги заштитат своите граѓани и граѓаните на сојузниците од неправедно гонење од овој нелегитимен суд – рече Болтон во својот говор во Вашингтон.

Тој порача дека администрацијата на Трамп „ќе се бори“ и ќе воведе санкции, па дури ќе бара кривична одговорност од службениците на МКС, ако трибуналот официјално продолжи со истрагата за наводни воени злосторства извршени од американските воени и разузнавачки служби за време на војната во Авганистан или, пак, истрага против Израел или други американски сојузници.

Болтон вети дека Вашингтон ќе се одмазди така што ќе им забрани влез во САД на судиите и на обвинителите на МКС, ќе им ги замрзне сите средства што ги имаат во САД, а и кривично ќе ги гони пред американскиот судски систем.

– Ако судот тргне по нас, Израел или по другите американски сојузници, нема да седиме мирно – предупреди тој, додавајќи дека САД ќе воведат исти санкции и против сите земји што ќе помогнат во истрагата на МКС.

Тој ја осуди истрагата за можни воени злосторства како „целосно неоснована и неоправдана“, а за судот рече дека е „нелегитимен“.

– Ќе го оставиме да умре сам. Конечно, МКС е веќе мртов за нас – рече тој.
Болтон најави дека САД ќе продолжат да склучуваат нови обврзувачки билатерални договори, кои ќе им забранат на државите да му предаваат Американци осомничени за воени злосторства на судот во Хаг.

Дејвид Шефер, кој го основа МКС во името на САД и беше амбасадор на земјата одговорен за прашањата поврзани со воени злосторства, оцени дека Болтон со својот говор ги изолирал САД од меѓународната кривична правда и сериозно го поткопал американското лидерство во намерите да ги изведе воените злосторници пред лицето на правдата насекаде во светот.

– Двојните стандарди во неговиот говор добро ќе бидат примени од авторитарните режими, кои ќе се противат на одговорноста за злосторствата и ќе ги игнорираат меѓународните напори за јакнење на владеењето на правото. Тоа беше говор исполнет со страв и Болтон ја повтори пораката дека САД се плашат од меѓународното право и од мултилатералните организации – нагласи Шефер.

Целта на МКС, кој е поддржан од ОН, е кривично да ги гони извршителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и на геноцид. САД не го ратификуваа Римскиот договор со кој е основан судот во 2002 година. Тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш, беше остро против судот, а неговиот наследник Барак Обама презема мерки за подобрување на соработката со МКС. Сега Болтон нагласува дека САД ќе преземат потези во Советот за безбедност на ОН за да ги ограничат „огромните надлежности“ на МКС, како и за да се осигурат дека судот нема да има надлежност врз Американците и врз граѓаните на државите што не го ратификувале Римскиот статут.

– Статутот на Рим, основачкиот договор на судот, денес е поддржан од членството на 123 земји, кои ги претставуваат сите региони во светот. МКС, како судска институција, дејствува строго во рамките на правната рамка на Римскиот статус, и е посветен на независно и непристрасно остварување на својот мандат – се вели во соопштението на МКС по повод заканите од САД.

Болтон вели дека САД ќе го остават судот „сам да умре“