Меѓународните институции што сакаат да помогнат во решавањето на конфликтот се соочени со големи предизвици на патот кон мирот

САД му соопштија на Советот за безбедност на Обединетите нации (ООН) дека им ја дале својата поддршка на Израелците, Палестинците и другите вклучени во конфликтот доколку „има иницијатива меѓу нив за постигнување прекин на огнот“, со што би му се ставило крај на насилството меѓу израелските и палестинските милитанти во Газа. Американската амбасадорка во ООН, Линда Томас Гринфилд, завчера соопшти пред Советот за безбедност дека „САД напорно работат преку дипломатските канали за да заврши конфликтот, затоа што веруваат дека двете страни имаат еднакво право да живеат во мир и безбедност“, пренесува „Ројтерс“.
Откако Советот го одржа својот прв јавен состанок, по два кратки брифинзи зад затворени врати минатата недела, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека „со полна сила“ продолжува офанзивата во Газа, која е под контрола на исламистичката Хамас. Вашингтон, кој е силен сојузник на Израел, беше изолиран во ООН околу неговите противења за заедничката изјава на Советот за безбедност за избувнувањето на најтешкото насилство меѓу Израел и Палестина во изминатите години, бидејќи бил загрижен дека таа може да ѝ наштети на дипломатијата што се одвива зад сцената.

„Ројтерс“ исто така пренесува дека кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, кој претседавал со завчерашниот состанок, испратил апел до САД да преземат одговорност и јасен став за заедно со поголем дел од меѓународната заедница да го поддржат Советот за безбедност во олеснувањето на конфликтот. Кина порача дека повторно ќе даде силни заложби за да се постигне договор. Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, изјави дека САД „активно ги вклучуваат сите страни кон постигнување итен прекин на огнот“ и апелира до нив „да го интензивираат посредувањето за да се постигне успех“. Од друга страна, напорите на Египет, Катар и ООН за постигнување примирје досега не покажаа знаци на напредок. САД испратија свој претставник во регионот, а претседателот Џо Бајден разговараше со Нетанјаху и со палестинскиот претседател Махмуд Абаз во саботата.
Во меѓувреме, жртвите во Газа прекуноќ се зголемија, меѓу кои имаше и деца, во жестоките воздушни и артилериски напади на Израел. Гилад Ердан, израелскиот амбасадор во ООН, изјави дека одговорот на Израел на неселективните напади на Хамас строго е во согласност со меѓународното право и дека државата презела „невидени чекори за заштита на цивилните жртви“. Арапската лига, во која членуваат 22 земји, побара од администрацијата на Бајден „поактивно и подлабоко да се вклучи во мировниот процес на Блискиот Исток“, покрај сегашното разгорување на конфликтот меѓу Израел и Палестина.