Петтата генерација на мобилната комуникација 5Г претставува револуционерна воена и безбедносна технологија, која освен што има огромно значење за комуникацијата, стана клучна и за расчистувањето на сметките помеѓу САД и Кина, пишуваат светските медиуми. 

Иднината на војувањето и на кибер-безбедноста може да претрпи коренити промени од страна на 5Г-технологијата. Експретите сметаат дека оваа технологија е повеќе подложна на хакирање, во време кога се зголемуваат безбедносните ризици и тензиите помеѓу САД и Кина на различни меѓусбедно поврзани фронтови кои ја вклучуваат трговијата, влијанието во азискиот регион на Пацификот и технолошкото ривалство.

Овие тензии преставуваат заднина за контроверзите околу „Хуавеи“. Уште пред кинеската компанија да биде обвинета во САД за крадење на трговски тајни и кршење на американските санкции, што го негира, американските разузнавачки служби изразија загриженост оти телекомуникациската опрема може да содржи „канали“ за кинеска шпионажа. „Хуавеи“ категорично ги отфрла овие обвинувања, но контроверзите ја подриваат важноста за подемот на 5Г-технологијата, и ја засилија трката за технолошки развој помеѓу Кина и САД.

За повеќето луѓе, следната генерација на интернет-мрежи, која ќе биде најмалку 20 пати побрза од останатите развиени мрежи денес, може да значи побрзо симнување на филмови, но таа има многу поголем потенцијал.

Следната генерација ќе може да поврзе мрежа на сензори, роботи и беспилотни возила преку софистицирана вештачка интелигенција. Затоа, експертите го сметаат за револуционерно откритие за иднината на воената технологија. Првенствено се спомнува значајот за воените комуникациски уреди, која ќе може да се одвива без сателити, чувајќи ги тие вредни ресурси за други потреби, што би ги скратило и трошоците.

Кина е една од водечките сили во истражувањето и развојот на 5Г-технологијата, со што нејзините телекомуникациски оператори најавуваат нејзино воведување во комерцијална употреба идната година. „Хуавеи“ веќе се пофали со чип што се смета за најсилниот 5Г модем. Поради нивната загриженост, САД со години наназад лобираат кај сојузниците за спречување на подемот на „Хуавеи“.

Познавачите на состојбата предвидуваат дека доминацијата на кинеските и американските апликации и интернет-услуги во иднина би можела да направи поделба на Интернет помеѓу нив. 

Интернет би можел да биде поделен на два дела во следните пет години. На еден предводен од Кина и друг предводен од САД, според Каифу Ли, извршниот директор на „Синоватион Венчрс“, кој ги изнесе неговите предвидувања на неодамнешниот Светски економски форум во Давос. 

Според одредени проценки, не се поставува прашање дали ќе се судрат САД и Кина, туку кога, на кое поле и каков ќе биде нивниот судир? Со оглед дека двете држави се нуклеарни сили, логично е да се отфрли можноста за директна конфронтација, со што е оставена широка лепеза на видови на војување – психолошка, економска, трговска, кибер-војна, или преку несреќни трети држави.

Кина и САД не научија меѓусебно да се разбираат ниту кога нивната соработка цветаше, а не пак, сега, кога нивните односи се затегнати. Нивните идеологии, начини на размислување, приоритети, начела, во толкава мера се различни, што го отежнуваат секој обид за меѓусебно размислување. Основа за сите грешки е обидот Кина да се разбере преку призмата на американските вредности, исто како и обратно. М.Ж.