Искуството во дипломатијата никогаш не исчезнува, а доказ за ваквата констатација се многубројните пишувања на медиумите поврзани со видувањата на поранешниот државен секретар на САД, Кисинџер, врз денешните актуелни геополитички односи меѓу Америка, Кина и Европа

Американско-кинеските односи низ призмата на прагматичарот на реалполитиката Хенри Кисинџер

И покрај длабоката старост, Хенри Кисинџер останува да биде запаметен како еден од главните претставници и приврзаници на политичката теорија позната како неореализам или структурен реализам. Поранешниот државен секретар Кисинџер во администрацијата на американскиот претседател Ричард Никсон низ годините го спроведуваше принципот на реалистично разбирање на надворешната политика и одржување рамнотежа на силите. Длабоките анализи на Кисинџер покажуваат дека сѐ уште ги задржал остриот ум и интелект. Токму најновото негово интервју, објавено неодамна во магазинот „Блумберг“, е показател дека 97-годишниот Кисинџер сѐ уште е носител на епитетот еден од најголемите умови на американската интелектуална и политичка сцена. Во тој контекст, некогашниот државен секретар на Америка го предупредува идниот американски претседател Џо Бајден дека неговата администрација треба што поскоро да ги врати комуникациските канали со Кина, кои беа нарушени во мандатот на Доналд Трамп, или тој ќе ризикува да настане криза што би можела да ескалира дури и во воен конфликт.

Америка и Кина сѐ поблиску до конфронтација

Дипломатот, кој го отвори патот за историската посета на претседателот Никсон на Кина во 1972 година, појаснува дека пандемијата на ковид-19 ќе даде простор за политички дискусии меѓу двете држави, кога Бајден официјално ќе ја преземе претседателската функција на 20 јануари.
– Америка и Кина сега сè повеќе се доближуваат до конфронтација, а особено што дипломатијата ја спроведуваат на конфронтациски начин, особено за време на пандемијата. Опасноста е што некои кризи што ќе се појават ќе ја надминат реториката и ќе прераснат во вистински воен конфликт. Освен ако нема основа за некаква кооперативна акција, тогаш светот ќе западне во катастрофа слична на Првата светска војна – вели деведесет и седумгодишниот Кисинџер.
Воден од принципите на реалполитиката, Кисинџер објаснува дека кога ќе заврши пандемијата на ковид-19, американско-кинеските односи, кои во последните неколку децении се сведени на најниско ниво, треба одново да се постават на рамноправно стојалиште, бидејќи сегашната констелација на врските меѓу двете земји води кон нова светска студена војна.

– САД и Кина никогаш не се соочија со држави речиси еднакви на себе. Ова е прво такво искуство. Мора да избегнеме тоа да прерасне во конфликт и да се надеваме дека ќе оствариме напори за соработка – смета Кисинџер.
Анализирајќи некои од изнесените предлози на Бајден во однос на Кина, Кисинџер исто така повикува на претпазливост по прашањето за идејата за градење коалиција на демократии за надмоќ врз Пекинг.
– Мислам дека демократиите треба да соработуваат секаде каде што дозволуваат убедувањата или го диктираат тоа. Мислам дека коалиција насочена кон една држава не е паметен чекор, но коалиција за да се спречат опасностите е неопходна каде што дозволуваат околностите – вели Кисинџер.

Европа со своја политика

Во меѓувреме, забележувајќи ѝ на Европа, која според него сѐ повеќе се вплеткува меѓу двете спротивставени страни на САД и Кина, Кисинџер смета дека Стариот Континент треба да изгради своја независна надворешна политика, а не да се потпира на туѓа.
– Европа беше поткрепата на американската надворешна политика во целиот период по Втората светска војна. Прашањето сега за нив е дали во еволуцијата на односите со други делови од светот, ќе се обидат да играат сосема независна улога, која ќе биде правична – истакнува тој.
За американско-кинеските односи слични размислувања како Кисинџер споделува и последниот советски претседател, 89-годишниот Михаил Горбачов. Горбачов смета дека победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД може да биде шанса за подобрување на меѓусебните односи меѓу Вашингтон и Пекинг, но и Москва. Во интервју за агенцијата Интерфакс, Горбачов наведува дека Бајден е „чесна личност, која го следи патот на разумот“ и оценува дека неговата победа е можност за спасување на „Новиот старт“, договорот за контрола на вооружувањето меѓу најголемите нуклеарни сили во светот, кој истекува во февруари 2021 година.
Инаку, односите меѓу САД и Кина се на најниско ниво во последните неколку децении, и покрај тоа што двете страни оваа година постигнаа трговски договор за „првата фаза“. По избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, која започна во кинескиот град Вухан, американскиот претседател во заминување Трамп ја обвини Кина за ширење на вирусот и за бројот на смртни случаи во САД.