САД и Канада постигнаа нова трговска спогодба заедно со Мексико, што ќе го замени актуелниот Договор за слободна трговија во Северна Америка (НАФТА). Договорот меѓу САД, Мексико и Канада им обезбедува на САД поголем пристап до канадскиот пазар на млечни производи и овозможува дополнителен увоз на канадски автомобили, јави Би-би-си.

Претседателот на САД Доналд Трамп долго време се обидуваше да ја смени НАФТА, која уредуваше трговска размена од над 1.000 милијарда долари. До последен миг се чинеше дека Канада може да биде исклучена од новиот договор, кој е склучен откако САД годинава водеа трговски војни на неколку фронта, со ривали и со сојузници. Меѓу трговските санкции за сојузниците се и царините за увоз на челик и алуминиум од Мексико и од Канада.

Точните детали за договорот меѓу САД, Канада и Мексико беа објавени вчера во раните утрински часови и, според нив, американските земјоделци ќе имаат пристап до околу 3,5 отсто од пазарот на млечни производи во Канада. Од друга страна, Канада обезбеди заштита за својата автомобилска индустрија од можните американски царини. Засега остануваат американските царини за челикот и алуминиумот. САД склучија договор со Мексико во август, но тензиите со Канада за спогодбата се интензивираа и администрацијата на Трамп даде краен рок до неделата да се најде компромис со северниот сосед.

Трамп со своите протекционистички политики почна да склучува поединечни трговски договори, отфрлајќи ги големите мултилатерални спогодби и нишајќи ги темелите на слободната трговија. Трамп исто така поведе трговска војна против Кина се заканува да го намали глобалниот економски пораст.