Америка и Европа се на иста страна во спротивставувањето на брзиот технолошки напредок на Кина и нејзините различни стратегии за употребата на вештачката интелигенција. Ваквиот однос на трансатлантските партнери кон Пекинг отвора ново поле за сајбер-војување меѓу суперсилите

Доминацијата на Кина во вештачката интелигенција нова енигма за Западот

Политичките лидери во САД и во Европа сè почесто добиваат предупредувања за кинеската употреба на вештачка интелигенција за следење на луѓето и нејзините авторитарни тенденции. Но како што досега може да се забележи, старите сојузници делат ист став за брзиот напредок на технологијата. Европа наскоро ќе предложи строги закони за користење на вештачката интелигенција на европска почва, како дел од напорите да се има поголемо влијание врз новите технологии во светот. Од друга страна, слично на ЕУ, и во САД се размислува да се воведат упатства што секоја индустрија сама ќе ги креира за заштита во сајбер-сферата. Со други зборови, Америка и Европа се на иста страна во спротивставувањето на брзиот технолошки напредок на Кина и употребата на вештачката интелегенција како средство за шпионирање на интернет-просторот. Ова, меѓу другото, го наведува угледниот магазин „Политико“, кој посочува дека како одговор на здружените евроамерикански сили за стопирање на технолошкиот развој на „азискиот змеј“ во сајбер-просторот, светот во овој момент е длабоко навлезен во нова технолошка војна меѓу суперсилите.

Западот бара дигитална регулатива

Во меѓувреме, властите од двете страни на Атлантикот велат дека паралелните стратегии ќе мора да ги здружат заедничките интереси, како една контратежа на технолошките амбиции на Пекинг. За да се остварат ваквите идеи, потребно ќе биде сојузниците да бидат согласни за регулативите што ќе ги штитат граѓанските слободи без да ја спречат иновацијата. Во тој контекст, изминатава недела беа избрани дури и владини претставници од Европа и од САД, кои ќе имаат задача да ги постават темелите на парламентарниот состанок во Европската Унија (ЕУ) за заштита во сајбер-просторот. Американската владина претставничка Робин Кели, која е поборничка за американската национална стратегија за вештачка интелигенција, побара од своите европски колеги да бидат „прецизни и флексибилни“ во нивните заложби како први во воведувањето вакви регулативи.
– САД и Европа мора да покажат единство додека Кина сака да наметне светска доминација – истакна Кели.
Во исто време, развојот на вештачката интелигенција ќе им помогне на владите и на индустријата да постигнат високи цели, а нејзиното брзо воведување значи и економски придонес, забележуваат на истава тема повеќе европски медиуми. Но поборниците за потрошувачки и граѓански права веќе изразија загриженост за можното укинување на работните места и за кршење на приватноста. САД и Европа сега почнуваат да работат на овие недостатоци, а развојот на сајбер-регулативата може да биде клучно решение во одржувањето на рамнотежата со Кина, која вложува огромни средства во развојот на вештачката интелигенција за стекнување предност пред нејзините ривали. ЕУ и САД имаат различен став по однос на технолошките прашања, а во моментов преговараат за трнлив договор за прекуграничен трансфер на податоци и како да ги оданочат технолошките гиганти како „Фејсбук“ и „Гугл“. Претседателот Џо Бајден неодамна сигнализираше дека САД се подготвени да соработуваат во однос на политиките за „демократски вредности“.

Европа не отстапува од дигиталниот суверенитет

Инаку, Европа јасно покажа дека во наредните месеци има намера целосно да се посвети на агендата за дигитален суверенитет. „ЕУ обсервер“ пишува дека извршното тело на ЕУ во април ќе објави предлог-закон за дигитална регулатива, а веќе претходно силно лобираше за неговата визија за етичка вештачка интелигенција што ќе биде алтернатива на американските и кинеските пристапи кон технологијата. Новите европски закони ќе бидат многу строги за апликациите со вештачка интелигенција што се сметаат за „висок ризик“, а блокот ќе оцени кој ќе биде виновен ако се прекршат законите.

Американскиот конгрес како партнер

Луис Виегас Кардосо, технолошкиот советник на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го опиша европскиот пристап кон дигиталната регулатива како „трет начин“ меѓу САД и Кина, но ЕУ нема да ги поткопа потенцијалните партнерства со тоа што сама го трасира својот пат кон постигнување дигитален суверенитет. Комисијата смета дека администрацијата на Бајден е отворена за пораките на блокот за законите за вештачката интелигенција, со кои ќе се почитуваат човековите права, инклузијата и заштитата на податоци и наедно сака да воспостави „трансатлантски договор“ за вештачката интелигенција.

Пекинг во последните години вложува огромни средства во развојот на вештачка интелегенција

Паралелно на сево ова, од друга страна, „Политико“ во својата анализа наведува дека Пекинг не мирува на оваа проблематика. Имено, Кина во последните години вложува огромни средства во развојот на технологијата со вештачка интелегенција. Според информациите објавени во западните медиуми, Пекинг неодамна формирал и советодавен комитет за вештачка интелигенција составен од академици и претставници на индустријата, кои ќе предложуваат области во кои можат да ги надминат САД и Европа технолошки. Поради тоа САД и ЕУ во годините што следуваат ќе треба дополнително да го зајакнат своето партнерство поради загриженоста за зголемените технолошки амбиции на Кина, како и извештаите за нејзината влада дека ја користи вештачката интелигенција за масовно следење и ги злоупотребува човековите права.