САД извршија воздушни напади на проирански милиции во Сирија, како одговор на неодамнешните ракетни напади против американски цели во Ирак. Тоа беше прва воена акција на претседателот Џо Бајден.
Прес-секретарот на Пентагон ја оцени воената акција како соодветен одговор од страна на САД. Шиитските милитантни групи презедоа одговорност за нападите врз американски цели во Ирак извршени во изминатите неколку недели. Минатата недела беше извршен ракетен напад во кој загина еден цивил, а повеќемина беа ранети меѓу кои и еден припадник на американската војска. Ракетите исто така погодија американски бази во Багдад, вклучувајќи ја зелената зона каде што се наоѓаат американската амбасада и други дипломатски мисии. Во Ирак се распоредени околу 2.500 американски војници што им помагаат на ирачките сили во борбата против терористичката група Исламска држава. Воената акција се случи откако администрацијата на Бајден сакаше да започне преговори со Иран во обидот да ги обнови преговорите за договорот од 2015 година, чија цел беше да се ограничи нуклеарната програма на Техеран во замена за повлекување на санкциите врз земјата.