Хоуп Честон (во средина) со нејзината мајка и адвокатот

Безбедносна компанија треба да ѝ исплати отштета од една милијарда долари на девојка што била силувана од вработен на компанијата, кога имала 14 години, одлучи судот во округот Клејтон, во сојузната држава Џорџија во САД, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.  Сега 20-годишната Хоуп Честон била жртва на сексуален напад од страна на чувар во станбен комплекс, во октомври 2012 година.

Адвокатот на жртвата, Крис Стјуарт, ја нарече пресудата „една од најголемите победи за жените во САД“, а правниот тим на девојката верува дека станува збор за најголемата отштета во случај на сексуален напад во САД.

– Добивме одговор на прашањето кое беше поставувано долго време. Која е вредноста на жена што била сексуално нападната? Поротата кажа дека вредноста е една милијарда долари, и тоа е одлично – кажа Стјуарт.

Честон посетувала пријателка кога била нападната од Брендон Ламар Закари, безбедносниот чувар на компанијата „Крајм превеншн ејџнси“, ангажиран во станбениот комплекс „Поинт Саут апартментс“. Закари бил уапсен и осуден на 20 години затвор.

Во судските документи се наведува дека компанијата имала обврска да врши контрола на вработените, како и дека имала сознание за однесувањето на чуварот кон станарите и кон гостите, но ги игнорирала околностите кои довеле до инцидентот. Судот ѝ додели отштета на Честон три години откако беше поднесена нејзината жалба.

– Долго време мислев дека случајот ќе биде „тргнат под тепих“ и дека веќе не е важен. Но 12 лица, кои не ги познавам, почувствуваа низ што поминав, а тоа вреди една милијарда долари по шест години. Ова е настан што го менува животот, ја менува историјата. Ова се прекрасни вести – истакна Честон.

Нејзиниот адвокат додаде дека пресудата претставува порака, иако е исвесно дека Честон нема да ја добие целосната сума предвидена за отштета.

– Ова им покажува на компаниите дека жените ќе бидат слушнати и дека има луѓе кои ги вреднуваат жените – порача Стјуарт.