Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека САД го раскинуваат Договорот за пријателство и економска соработка со Иран.

– Ве известувам дека САД го раскинуваат Договорот за пријателство со Иран, што е потпишан во 1955 година. Ова е одлука која созреа уште пред 39 години, наведе Помпео, додавајќи дека Техеран претставува закана за американската мисија во Ирак.

Претходно, Меѓународниот суд на Обединети нации усвои прелиминарна пресуда, за обновените американски санкции против Техеран. Прелиминарната пресуда делумно е во корист на Иран, а според Помпео одлуката на Судот е неоснована.

– Иран се обидува да се меша во сувереното право на САД да презема законски и неопходни дејствија за заштита на сопствената национална безбедност. Иран го користи Меѓународниот суд на правдата во политички и пропагандни цели, наведе Помпео.

Во 2015 година Иран потпиша мултилатерален договор со шесте светски сили, според кој Техеран требаше да ја прекине својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите. Но, во мај американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД се повлекуваат од Договорот и оти ќе воведе санкции кон Иран. Поради тоа Иран во јули поднесе тужба против САД пред Судот на ОН.