Министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис одобри користење финансиски средства од неговото Министерство за исплата до 4.000 припадници на Националната гарда кои ќе бидат ангажирани во мисија за заштита на границата со Мексико.

Матис ја донел таа одлука синоќа и тоа значи дека федералната влада ќе плаќа за мисијата на Националната гарда што ќе биде под команда и контрола на сојузните држави кои се вклучени.

Аризона и Тексас објавија дека до почетокот на следната недела ќе испратат 400 припадници на Националната гарда на границата на САД со Мексико како одговор на повикот на американскиот претседател Доналд Трамп воени трупи да се изборат против шверцување дрога и илегална имиграција на таа граница.

Трамп потпиша меморандум за укинување на политиката кон имигрантите која овозможуваше пуштање мигранти од притвор до донесување судска одлука за нивниот статус.