Американската војска може за неколку дена да го заврши своето повлекување од Авганистан ,и тоа дури и пред крајниот рок, 11 септември, кој го постави претседателот Џо Бајден, со што ќе ѝ се стави крај на најдолгата американска војна.
Повлекувањето на силите и опремата од Авганистан нема да вклучува сили што ќе останат да ги штитат дипломатите во американската амбасада и да асистираат во обезбедувањето на аеродромот во Кабул, како што пренесе „Ројтерс“. Во меѓувреме, висок американски командант во Авганистан предупреди дека државата ризикува да западне во граѓанска војна откако ќе се повлечат последните американски војници.
Генералот Остин С. Милер изјави дека загрижува брзата загуба на окрузи низ државата, кои паѓаат во рацете на Талибанците, од кои неколку се од стратегиска важност. Тој исто така предупреди дека милициите што се распоредени како помош на нападнатите национални безбедносни сили би можеле да ја втурнат земјата во граѓанска војна.