Наводниот напад од страна на Израел врз иранската нуклеарна централа „Натанц“ е најновиот показател во ранливоста на системите за индустриска контрола (ИЦС), кои претставуваат слабост за земјите ширум светот, пишува „Гардијан“.

Ранливоста на системите и сличната технологија што се користи во индустриските процеси, од електричните мрежи, до постројки за третман на челик, хемикалии и вода, беше докажана пред повеќе од една деценија со откривањето на американско-израелскиот сајбер-напад со вирусот „Стакснет“ врз нуклеарната централа „Натанз“.

За разлика од хакерските напади кои имаат за цел крадење на податоци, ваквите напади имаат за цел да предизвикаат физичко влијание, гасење на погоните, контаминација на водите, па дури и предизвикување штета на системи и нивна потенцијална експлозија.

Во 2010 година, „Стакснет“ беше меѓу најсофистицираните малициозни софтвери откриени досега, а наводно, со него биле оштетени една петтина од нуклеарните центрифуги во Иран. Поради нападот, Иран оформи сопствена група за хакерски напади врз критични инфраструктури позната како „АПТ33“.

Минатата година, израелските медиуми ги обвинија иранските хакери за два напада врз пречистителни станици за вода во земјата, додека пак иранска новинска агенција објави дека хакери ја погодиле електронската инфраструктура на пристаништата во Иран.

Извештаите на истражувачите од компанијата „Тенабл“ сугерираа дека земјите стекнале подобра заштита на инфраструктурата од сајбер-напади, но тие сепак, откриле бројни пропусти во индустриските системи за контрола.