Михаил Саакашвили планираше да изврши државен удар во републиката, изјави претседателот на владејачката партија „Грузиски сон“, Иракли Кобахидзе.

„Тој дојде во Грузија за да ја исполни својата закана дека ќе изврши државен удар и ќе донесе немири во земјата. Според тоа, органите на прогонот ги преземаа сите мерки за да го спречат да изврши нов прекршок”, рече Кобахидзе.

Саакашвили тврди дека обвиненијата против него биле измислени. Тој напиша писмо од затворот Рустави, во кое се вели дека е уапсен под „целосно измислени и лажни обвинувања“. „ Не двоумете се и верувајте до крај дека нашата победа е во наши раце “, се наведува во обраќањето на Саакашвили објавено од неговиот адвокат Ника Гварамија на Фејсбук.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба, изјави дека Михаил Саакашвили е украински државјанин, и дека ќе ја добие целата потребна поддршка од Киев.

Кабинетот на претседателот на Украина објави дека Володимир Зеленски ја контролира ситуацијата со апсењето на Саакашвили и дека Украина „мора да го преземе својот државјанин од Грузија“.

Медиумите исто така пренесуваат дека на Саакашвили му се заканува најмалку девет години затвор. Тој претходно рече дека планира да се врати во земјата до изборите. Грузиските власти соопштија дека тој ќе биде уапсен штом ја мине границата, бидејќи бил вмешан во неколку злосторства.

Во Грузија денеска се одржуваат избори за тела за локална самоуправа. Граѓаните избираат градоначалници и заменици на 64 градови и области. Денешните локални избори во Грузија се поважни од било кога.