Руски суд го одобри барањето на тужителите и организациите поврзани со опозицискиот лидер Алексеј Навални ги прогласи за екстремистички, соопштија адвокатите на Навални, кој издржува затворска казна.

Пресудата, која стапува на сила веднаш, им забранува на членовите на екстремистичките групи да учествуваат на парламентарните избори годинава, според законот кој неодамна беше усвоен.

Навални, кој издржува затворска казна во траење од две ипол години, под обвиненија за кои рече дека се измислени, исто така, тврди дека одлуката на судот да ги прогласи организациите поврзани со него за екстремистички е обид за сузбивање на опозицијата пред парламентарните избори што треба да се одржат во септември.