Кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“ ги објави плановите за отворање илјада нови работни места во своите центри за истражување и развој во Русија во текот на наредните пет години.

„Хуавеи” планира да ангажира околу 500 луѓе во своите локални центри за истражување и развој до крајот на годината, соопшти канцеларијата за односи со јавноста на производителот на мобилни телефони.

Тие велат дека планираат во наредните пет години да вработат повеќе од илјада професионалци за истражување и развој. „Хуавеи“ во моментот вработува 400 луѓе во својот центар во Москва и уште 150 во Санкт Петербург, но планира да отвори три нови центри за истражување и развој во таа земја до крајот на годината.

Компанијата минатата недела го претстави оперативниот систем „Хармони ОС“, откако дозволата за користење на оперативниот систем на Гугл беше загрозена со одлуката на САД да го стават „Хуавеи“ на црната листа на кинески компании со кои им е забрането да работат на американските компании.