Околу сто руски војници и 35 тони воена опрема пристигнале во главниот град на Венецуела. На аеродромот во Каракас слетале два руски авиона, воено-транспортниот „ан-124“ и патничкиот „ил-62“, со опремата и војниците, предводени од Василиј Тонкошкуров, раководител на главниот штаб на копнените сили на Русија, пренесуваат светските медиуми

– Во претседателската ложа на аеродромот тие се пречекани од раководителот на одделот за меѓународни врски на венецуелската армија, вицеадмирал Мариани Мата, од претставници на руската амбасада и венецуелските вооружени сили – напиша на Твитер венецуелскиот новинар Хавиер Мајорка.

Сѐ уште не е познато дали се тоа регуларни војници или наемници. Претходно повеќе медиуми објавија дека кон крајот на јануари во Венецуела пристигнале воени лица од руската приватна воена компанија „Вагнер“ за заштита на претседателот Николас Мадуро. Првата група наемници наводно пристигнале уште пред претседателските избори лани во мај, додека втората неодамна.

Во меѓувреме, венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо, кој е поддржан од САД и западните земји, го повика населението да се подготви за „Операцијата слобода“, што ќе доведе до преземање на власта во Венецуела.

– Време е да се подготвиме за „Операцијата слобода“ и за вршење максимален притисок врз Владата за конечно да ѝ се стави крај на узурпацијата. Сите, апсолутно сите имаат улога во оваа фаза на нашата борба – порача Гуаидо.

Тој најави формирање специјални комитети низ целата држава.

– Тие ќе добијат задача да ги промовираат активностите за да ѝ се стави крај на узурпацијата во секој регион, сектор, синдикат, образовна установа, владино тело – додаде Гуаидо.

Тој на 23 јануари на митинг во Каракас се прогласи за привремен претседател на Венецуела, што Мадуро, кој има поддршка од Русија, го нарече „обид за пуч“.