Руските разузнавачки служби го шпионирале поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија речиси пет години, соопшти советникот на британскиот Совет за национална безбедност Марк Седвил во писмо до НАТО, јави АФП. 

– Според нашите информации, интересот на руските разузнавачки служби кон Скрипал датира најмалку од 2013 година кога адреси во електронската пошта на Јулија Скрипал биле хакирани од киберспецијалисти на руското воено разузнавање – се вели во писмото на Седуил до шефот на НАТО, Јенс Столтенберг.

Во писмото до НАТО, Седвил тврди дека постојат докази дека Русија обучувала „специјални единици“ за ракување и употреба на нервен агенс. Руски агенти се обучавале да стават нервен агенс на кваки од врата. Британската полиција тврди дека на тој начин и биле отруени Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија на 4 март.

Сер Марк Седвил на 15 април ќе го брифира НАТО за нападот во Солсбери, јави Би-Би-Си.  Ова е првпат британската Влада да тврди дека има конкретни информации за тоа дека Русите имале посебен интерес за семејството Скрипал.  Сепак, деталите во писмото не идентификуваат кој стои зад нападот.