Комунистичката партија на Русија го повика Истражниот комитет на Русија да покрене кривична истрага против актерот и поранешен гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, како одговор на приведувањето и испрашувањето на руската пратеничка Инга Јумашева од страна на ФБИ во Њујорк, пренесува „Спутник“.

Според партијата, Москва треба да го приведе актерот за да ги спречи САД да ги оживеат валканите методи од времето на Студената војна. 

Засега нема реакција од Шварценегер на прилично необичното барање од руските комунисти.

Јумашева, која е членка на Државната дума, беше приведена од ФБИ додека одела кон форумот „Форт Рос дајалог“. Според рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, агентот еден час ѝ поставувал нејасни и неприфатливи прашања, а потоа ѝ понудил да ја однесе во блиското кафуле на неформален разговор.

Руската амбасада испрати протестна нота до американскиот Стејт департмент, но допрва треба да добие официјално објаснување за инцидентот.