Екипа на руската ТВ мрежа РЕН сериозно ги испоровоцира британските безбедносни служби а ги налути луѓето во болницата во Солзбери, во која се лекува отруениот поранешен разузнавач Сергеј Скрипал. Имено, британските медиуми пред малку ја пренесоа видео-снимката на која се гледа репортерот на оваа телевизија како рано утринава се шета низ ходниците на болницата и коментира „очигледен недостиг на безбедност“.

По ова болницата ја обвини телевизијата за „ужасно однесување“, бидејќи скришно влегла во нивната установа во текот на ноќта.

-Снимката го покажува ужасното однесување на руските новинари, кои без најава и без претходно барање дозвола му се доближиле на персоналот во текот на ноќта – соопшти болницата.

Во соопштението се додава дека „било каков обид на вознемирување, застрашување или предизвикување неволји на било кој член на персоналот или на пациентите е апсолутно неприфатлив и нема да биде толериран“.

Локалната полиција соопшти дека на приемното одделение на болницата полицајци разговарале со двајца мажи за кои верувале дека се новински известувачи. Полицајци од нив побарале да ја напуштат болницата и тие си заминале, без некој да биде уапсен, се наведува во полициското соопштение.

Сергеј Скрипал, поранешниот руски разузнавач кој е осуден поради шпионирање за Велика Британија, беше префрлен во болницата во Солзбери на 4 март, заедно со ќерка му Јулија, откако беа најдени во бесвесна состојба на клупа пред трговскиот центар во градот. Вчера Јулија беше пуштена од болницата, а татко и е задржан на натамошно лекување.