Руската полицијата уапси повеќе од 400 лица, меѓу кои и опозицискиот политичар Алексеј Навални, на протестите на кои се бараше казнување на полицајците што наводно му подметнале дрога на новинарот Иван Голунов.

Полицијата во вторникот нагло ги отфрли обвиненијата за шверцување дрога против Голунов, што е необичен пресврт од страна на властите што беа изложени на притисок од јавноста и неговите поддржувачи, кои тврдеа дека тој е цел поради начинот на кој известува за политичките прашања.

Голунoв, 36-годишен новинар познат по разоткривање корупција меѓу градските претставници во Москва, беше однесен во полиција минатиот четврток и обвинет за шверц на дрога, што тој категорично го отфрли.

Остриот начин на кој демонстрантите порачаа дека Голунов е наместен предизвика невообичаено медиумско единство и некарактеристично брза реакција на властите кои се загрижени поради можноста за избување општествени немири во период кога претседателот Владимир Путин веќе се соочува со незадоволство од животниот стандард.

Властите се надеваа дека со ослободувањето на Голунов и ветувањето дека ќе ги казнат оние што го наместиле, ќе ги смират демонстрантите, но неговите колеги одлучија и денеска да одржат протести и покрај тоа што е државен празник во Русија, пренесува хрватски „Индекс“.

Од набљудувачката група ОВД-инфо соопштија дека полицијата денеска привела над 400 лица. Повеќето од нив се истакнати руски новинари и активисти.

Полицијата претходно соопшти дека на денешните протести биле уапсени над 200 луѓе.