Руската влада поднесе оставка по предлозите на Путин за уставни промени

Рускиот премиер Дмитриј Медведев вчера објави дека целата влада поднесува оставка по годишното обраќање на претседателот Владимир Путин до нацијата, во кое тој предложи повеќе уставни промени. Путин ја прифатил оставката и побарал од министрите да функционираат како привремена влада сè додека не се формира нова, јави РТ.

Пред да ја објави оставката, Медведев се сретнал со Путин за да разговара за годишното обраќање и за предложените уставни измени. Путин посочил оти планира да создаде функција заменик-секретар на Советот за безбедност на Русија и да му ја понуди на Медведев.

Во своето обраќање, Путин предложи неколку измени на Уставот. Тој нагласи оти рускиот устав треба да има предност пред меѓународното право ако тоа ги крши правата на руските граѓани или ги крши уставните принципи на Русија. Според него, меѓународните договори, како и одлуките на меѓународните тела, може да се применуваат во Русија само во обем до кој не содржат ограничувања на правата и слободите на луѓето и граѓаните и не се спротивни на рускиот устав. Претседателот на Русија предложи и построги услови за сите водечки политички функции, почнувајќи од претседателската. Изменетиот устав би вклучувал задолжителни услови за „лица што имаат позиции клучни за обезбедување на безбедноста и суверенитетот на земјата“, вклучувајќи ги премиерот, членовите на кабинетот, гувернерите, шефовите на сојузните агенции, пратеници и судии. Ним треба да им се забрани да имаат странско државјанство или дозволи за престој во други земји, предложи Путин.

Според него, секој што сака да се кандидира за претседател ќе подлежи на уште построги услови. Покрај тоа што не смее да има странско државјанство „не само за време на изборите туку и во кој било период претходно“, кандидатот мора да живеел во Русија најмалку 25 години наспроти сегашните десет години. Путин, кој беше реизбран во 2018 година, исто така зборуваше и за траењето на претседателскиот мандат.

– Знам дека има дебата за уставната одредба дека исто лице не смее да извршува функција претседател повеќе од два последователни мандати. Не мислам дека ова е суштинско прашање, но се согласувам со него – изјави тој.
Путин оцени дека не е потребно усвојување нов устав, туку само уставни измени. Централната изборна комисија на Русија објави дека уште годинава би можело да има народно изјаснување за предложените уставни измени.