Руската армија создава затворен интернет – „воен, убав и суверен“ при што сите важни информации ќе се чуваат само на серверите на Министерството за одбрана во Москва, пишува весникот „Известија“.

Затворениот систем за размена на дигитални податоци ќе се вика мултисервисна транспортна мрежа за поврзување (МТМС). Првата фаза од работата на неа ќе заврши уште годинава, а за две години таа целосно ќе биде изградена, соопштил за весникот извор од Министерството. МТМС ќе има свој пребарувач, а за да работи независно, војската ќе постави оптички канал преку Арктикот.

Според експертите, искуството од поставувањето на системот, исто така, ќе се користи и во формирањето на национална мрежа. Според експерти за кибер безбедност, МТМС ќе гарантира електронска безбедност на земјата заедно со заштитениот руски сегмент од интернетот, чие создавање се дискутира сега во федерацијата, пишува весникот.

Рускиот претседател Владимир Путин на почетокот од месецов го поддржа предлог-законот наречен „Суверен интернет“, со кој би се поставиле темелите на руски интернет, односно целокупниот сообраќај во рускиот кибер простор би бил контролиран од главен контролен центар, објави Блумберг. На тој начин би можеле да се блокираат или цензурираат „непослушните“ корисници на интернет, но и да се врши надзор и контрола кои информации се објавуваат и каде.

Кремљ тогаш аргументираше дека тоа претставува одбранбен одговор на новата американска кибер стратегија, која дозволува преземање офанзивни мерки против Русија и други земји од кои доаѓаат кибер напади или закани. На тој начин, РуНет, како што би се нарекувал новиот интернет, би можел да функционира дури и кога САД би се обиделе да воведат дигитална изолација на Русија.

Но, против овој предлог се и корисниците и провајдерите на интернет кои сметаат дека тоа не е најдобро решение. Корисниците посочуваат дека со тоа би се ограничиле нивните и така рестриктивни слободи, додека операторите наведуваат дека алтернативен интернет би чинел милијарди рубљи.

Интернет експертите предупредуваат дека создавањето на централизиран интернет би ја направил Русија поранлива, поради тоа што би постоело само едно место да се нападне па целиот руски интернет да престане со работа.