Русинката Марија Бутина, која во април беше осудена во САД под обвинение за шпионажа како руска агентка, денеска пристигна во Москва. Таа вчера беше ослободена од затворот во Флорида.

-Многу сум среќна што се вратив дома. Благодарна сум на сите кои ми дадоа поддршка, на руските граѓани кои ми помогнаа и ми пишуваа писма – рече таа по пристигнувањето во Москва.

Бутина беше пречекана од нејзиниот татко и руските новинари на аеродромот. Некои од нив ѝ подарија цвеќе.

-Благодарам на Министерството за надворешни работи и на дипломатите кои се бореа за мене секој ден – додаде таа.

Бутина беше уапсена во јули 2018 година и осудена на 18 месеци затвор. Таа беше обвинета за заговор со цел промовирање на руските интереси. Таа е единствената руска државјанка осудена во рамките на истрага за руско мешање во внатрешната политика на САД.