Фото: Архива

Висок претставник на Кремљ изјави дека во одредени околности Русија може да биде принудена да ги брани своите граѓани во источна Украина и дека голем воен конфликт би можел да го означи почетокот на крајот на Украина како држава, пренесе агенцијата „Тасс“.

Западните нации повикуваат на воздржаност откога Украина алармира поради трупањето руски сили во близина на границата.

Исто така, насилството се интензивира по должината на линијата на поделба меѓу владините сили и сепаратистите во источниот регион Донбас.

– Ја поддржувам проценката дека почеток на воена акција би бил почеток на крајот на Украина – рече заменик-шефот на канцеларијата на рускиот претседател, Дмитриј Козак.

Козак бил прашан дали Русија ќе ги заштити своите граѓани во источна Украина.

Споменувајќи ја Сребреница како одговор, каде што силите на босанските Срби убија околу 8.000 муслимански мажи и момчиња за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година, тој одговорил дека сè зависи од размерот на конфликтот.

Во телефонски разговор со германската канцеларка, Ангела Меркел, претходно денеска, рускиот претседател Владимир Путин го обвини Киев за провокаторски акции во источна Украина.