Русија неодамна ја прошири пистата во својата воздушна база „Нагурскоје“ на должина од 3.500 метри, што значи дека таму може да приземји поголем дел од нејзините воени авиони, вклучително и ловци кои патролираат по поларното небо.

На прашањето дали тоа значи дека руските тешки стратешки бомбардери, како што е ТУ-95 „медвед“, можат да оперираат од тука, генерал-мајорот Игор Чуркин гордо потврдува дека можат.

– Се разбира дека можат. Погледнете. Во оваа база може да слетаат сите видови на авиони – се пофалил тој, покажувајќи кон инфо-графикот за базата.

Руските вооружени сили им дозволија на медиумските куќи, вклучително и на Си-ен-ен, ретка можност за пристап до најсеверната воена база на островот Александар Први, на почетокот од оваа недела.

Си-ен-ен дозволата ја добил непосредно пред состанокот на Арктичкиот совет, група од осум држави што граничат со северниот поларен регион, со кој Русија го презеде претседателството годинава. Инаку, ова е една од сè поголемиот број на арктички бази што Русија ги изгради или надгради во последните неколку години.

Изградбата на базата, позната како „Арктичка детелина“, заврши во 2017 година. Се наоѓа на само 257 километри источно од најисточниот дел на норвешкиот архипелаг Свалбард – територија на НАТО.

Новата база е изградена за сместување на околу 150 војници, со цел да осигура дека руската северна флота е автономна и самостојна. Сето ова е дел од она за што претседателот Владимир Путин вели дека е клучен напор за зајакнување на присуството на Москва на Арктикот.

Во базата има технологија што Русите ја опишуваат како најсовремената радарска станица за следење на движењата на бродовите и авионите на НАТО. Командантот на воздухопловните сили вели дека често следат американски и други авиони кои ги сметаат за непријателски.

Армијата на новинарите им демонстрирала две моќни одбранбени ракети. За нив се тврди дека можат да погодат бродови или копнени цели оддалечени повеќе од 200 милји од морето.

– Баш вчера видовме разузнавачки авион на НАТО. Го следевме четири часа, пренесувајќи ги сите информации до повисокиот команден центар, позицијата на авионот и неговата рута, во која насока се упати. Непријателот никогаш не останува незабележан – објаснил Чуркин.

Јасно е дека тензиите меѓу големите сили се прелеваат на Арктикот и Русија ја смета оваа база за клучен адут во таа ситуација.

Белата куќа со зголемена загриженост ги следи воените засилувања на Русија. Пред Арктичкиот совет, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека САД се загрижени за зголемената воена активност на Арктикот.

Блинкен првпат се соочи лице в лице како државен секретар со рускиот колега Сергеј Лавров во средата на маргините на Арктичкиот совет во Рејкјавик. Тој истакна дека не е тајна оти постојат разлики меѓу САД и Русија.

Лавров одговори со изјава дека Русија е подготвена да разговара за сите прашања на маса, но додаде: „Како две страни силно не се согласуваме кога станува збор за нашите проценки на меѓународната состојба и во нашите пристапи за тоа како треба да се решаваат проблемите“.

Во четвртокот, Путин се закани дека ќе ги „скрши забите“ на странските непријатели кои сакаат да гризат делови од руската територија. Без именување и цитирање на никого, Путин рече дека критичарите се жалат дека огромни енергетски ресурси ѝ припаѓаат само на Русија и нагласи дека единственото решение е развој на руските вооружени сили.

– Тие треба да знаат, оние што ќе го сторат тоа, дека ќе скршиме забите на сите за да не можат повеќе да гризат… и клучот за тоа е развој на нашите вооружени сили – порача Путин.