Русија ги поддржува сите легитимни органи на Венецуела, вклучувајќи ја и институцијата претседател, изјави рускиот претседател Владимир Путин на состанокот со својот венецуелски колега Николас Мадуро, пренесува ТАСС.

– Русија доследно ги поддржува сите легитимни органи на Венецуела, вклучувајќи ја и институцијата претседател и парламентот. И секако го поддржуваме дијалогот што вие, господине претседател, и владата го водите со опозициските сили. Сметаме дека секое отфрлање на дијалогот е ирационално и штетно за земјата и носи само закани за населението – истакна Путин.

Путин нагласи дека работата во областа на воено-техничката соработка меѓу Русија и Венецуела на снабдувањето со резервни делови и отворањето сервисни центри се одвива според планот. Воено-техничката соработка меѓу двете држави пред сè е врзана со обврските на Русија да ја сервисира опремата од руско производство што ја купи Венецуела.

Претседателот на Венецуела, од своја страна, посочи дека Москва и Каракас докажале оти заеднички може да се пребродат сите потешкотии.

– Ја поддржуваме соработката во различни сфери. Во мај беше одржан состанок на меѓувладината комисија на високо ниво и многу прашања за кои е разговарано на ова комисија се успешно решени – рече Мадуро.

Тој додаде дека оваа средба ќе овозможи да се сумираат работите завршени годинава, како и да се види кои проблеми останале, со какви реалности се соочуваат двете страни, како се одвива напредокот во многу области, како и да се направат нови планови за иднината.

На состанокот во Кремљ учествуваат и рускиот вицепремиер Јури Борисов, претседателскиот помошник Јуриј Ушаков, министерот за финансии Антон Силуанов, заменик-министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков, и извршниот директор на „Роснефт“, Игор Сечин.

Прес-службата на Кремљ претходно соопшти дека двајцата претседатели ќе разговараат за актуелните билатерални прашања, како и за клучните регионални и глобални проблеми, особено за оние поврзани со комплицираната ситуација во Венецуела.