На 6 ноември, Судан и Русија потпишаа документ што на Русите им дозволува формирање поморска база и центар за снабдување. Според овој договор, базата ќе може да прими 300 луѓе (воен и цивилен персонал), а постои можност и за закотвување до четири пловни објекти од секаков вид. Суданската влада бесплатно ќе обезбеди комплетна инфраструктура и дел од околната територија. Наедно, Русија ќе има право да доставува и складира секакво оружје, како и цивилна и воена опрема. Локацијата и инфраструктурата во следните 25 години ќе бидат под руска јурисдикција, со можност за продолжување уште на десет години

Фељтон: Амбициите на големите сили на глобален план (2)

Современата руска надворешна политика доживеа радикални промени во споредба со Царска Русија и советската ера. Таа веќе не е насочена кон инстинкт и реакција, туку има точно одредени цели, како и средства и капацитети што ќе се вложат за нивно достигнување. Најважно е да се воспостави рамнотежа меѓу овие цели и средствата со кои тие ќе се постигнат.

Русија и Африка денес

Надворешната политика на Путин се базира на претпоставката дека светот е навлезен во ерата на мултиполаризам, каде што ниедна сила нема целосна доминација, па, оттука, Русија мора внимателно да балансира меѓу надојдената Кина, ЕУ и САД, кои сѐ уште се моќни. Истовремено, Русија се соочува со негативна перцепција поради својата проактивна надворешна политика во Украина и во Сирија, а поради економските санкции и кризните жаришта од Балтикот до Централна Азија, нејзиното дејствување е уште поотежнато. Путин користи мултиполаризам и постепено намалување на американскиот ангажман во одредени региони, сакајќи да го прошири руското влијание и да ја смени лошата перцепција за својата држава. Неговото враќање на Црниот Континент почна уште во 2006 година, со поставувањето на Алексеј Васлиев – шеф на гореспоменатите африкански студии – за специјален руски пратеник задолжен за африканските земји. Освен тоа, во 2007 година Путин им ги прости долговите на земјите од континентот во висина од 20 билиони долари. Во текот на првите неколку години, приближувањето на Русија кон Африка беше водено повеќе од страна на министерствата одошто дипломатијата, а најмногу од страна на Министерството за природни ресурси, кое раководеше со билатералните комисии на Русија и дел од африканските земји, вклучувајќи ја и Јужна Африка.
На сцена дојде до израз поврзаноста со руските трговски кругови, отелотворени во националните енергетски гиганти како „Газпром“ и „Роснефт“, заедно со низа други помали и поголеми државни компании.
Сето тоа се смени во 2016 година. За првпат, во стратегискиот документ „Концепт за надворешна политика“, во клаузулата 99 од вкупно 108, Африка се наведува како релевантно подрачје. Две години подоцна, шефот на дипломатијата Лавров посети голем број африкански држави, меѓу кои Ангола, Намибија, Етиопија, Мозамбик и Зимбабве, промовирајќи ги трите столба на новата руска политика кон Африка: обнова и зајакнување на воената и безбедносна соработка, отворање на земјите за руски инвестиции и повторно почнување и интензивирање на културната и академската размена. Истовремено, Русија ја култивира соработката со африканските елити, поврзани со Москва поради поранешни соработки и студирање во СССР.

Елементи на соработка

Политиката на Путин е поинаква од кинеската или евроатлантската политика. Кинеската се базира на инвестиции и инфраструктурни вложувања, со територијални концесии од страна на државите домаќини, како и на опасноста од акумулација на долгови, кои подоцна, во текот на билатералните односи, би можеле да се користат како „тас што ќе натежне“ за време на преговорите.
Евроатлантскиот пристап бара од државите да го преземат западниот модел на управување и трговска економија, менувајќи ги постојните национални системи со финансиска помош што носи трајни обврски. Од друга страна, Русија нуди соработка без условување и обврски, подготвена е да им обезбеди на примателите знаење, финансиски средства и луѓе, почитувајќи ги притоа националниот суверенитет и системите на земјите со кои соработува. Со ваквиот пристап, Русија сака да се позиционира како позитивен меѓународен актер, самарјанин и решавач на проблеми со конструктивни и продуктивни предлози – на тој начин, таа би имала поголемо влијание преку т.н. мека моќ (софт пауер), која се темели на убедување со привлечност, а не со сила и принуда.
Кризата во мултилатерализмот, дифузијата на моќ и доктрината на Трамп, наречена „Америка на прво место“, во комбинација со недостигот од европски консензус за надворешната политика, создаваат плодна почва за Русија – користејќи ги умно своите ограничени ресурси, таа ќе има шанса да го пополни новонастанатиот вакуум во одредени светски подрачја. Русија не може да им конкурира на САД, ЕУ и на Кина во обемот на трговската соработка, особено кога станува збор за големината на нивните капацитети и шаренилото од економии, но може да се концентрира на одредени полиња во кои има компаративна предност, како што се нуклеарната енергија, енергетиката и оружјето. Русите се насочени кон постепен и ограничен пристап, кој се фокусира на деловите, наместо на сеопфатен, кој во себе содржи опасност од ризик поради дисперзија на капацитетите. Значи, се водат од прагматизам, а не само од идеологија и политички мотиви.

(продолжува)