Русија соопшти дека ги открила првите случаи во светот на птичјиот грип Х5Н8 кај луѓето, иако досега нема информации дека вирусот се шири од човек на човек.

Властите испратија информации за седум случаи откриени кај работници во живинарска фарма во јужна Русија до Светската здравствена организација, изјави за медиумите Ана Попова, шефот за јавно здравје на земјата.

– Не се пренесува од личност до личност. Но, само времето ќе покаже колку брзо идните мутации ќе му овозможат да ја надмине оваа бариера. Откривањето на овој вид сега „ни дава на сите, на целиот свет, време да се подготвиме за можни мутации и можност да реагираме навремено и да развиеме тест-системи и вакцини – рече таа.

Заразените работници во живинарската фарма, каде што беше пријавена епидемија кај птиците во декември минатата година, имале благи симптоми и закрепнале, рече Попова.

Според веб-страницата на СЗО, „иако човечките инфекции со вируси А (Х5) се ретки и генерално се јавуваат кај лица изложени на болни или мртви заразени птици (или нивната околина), тие можат да доведат до тешка болест или смрт кај луѓето“. Шест од 14 случаи на птичјиот грип кај луѓе пријавени од 2014 година биле фатални, соопшти СЗО во ноември 2016 година.