Играњето на нетипична улога најверојатно ќе го ограничи статусот на Москва како регионален хегемон

Автор: Хенри Фој

Фајненшл тајмс

На руските војници не им непознато патролирањето по фронтовите на замрзнатите конфликти во соседните држави. Но речиси 2.000 војници кои месецов беа распоредени во спорниот кавкаски регион Нагорно Карабах се најдоа во невообичаена улога, а тоа е да бидат непристрасни мировници. За разлика од руското воено присуство во источна Украина, грузиските територии на Јужна Осетија и Абхазија, како и отцепениот регион Транснистрија во Молдавија, војниците нема да ја бранат територијата која беше под контрола на промосковските сепаратисти. Наместо тоа, како дел од договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на Москва, за да се стави крај на шестнеделната војна меѓу Азербејџан и Ерменија, војниците мора да го контролираат силно поделеното триесет годишно бојно поле, да ги спроведат големите придобивки на Азербејџан и да ја заштитат опсадената и завојувана ерменска енклава.

– Секоја мировна мисија распоредена во она што до скоро важеше за воена зона носи свои ризици, а мировниците мора подеднакво да бидат дипломатски и воено потковани. Големата улога на Русија во конфликтот значи поголема одговорност. Примирјето виси на неколку конци кои практично се дело на Москва – истакна Максим Сучков, истакнат соработник на државниот институт за меѓународни односи во Москва.

Русија има склучено пакт за заедничка одбрана со Ерменија, но сакаше да ги зачува блиските врски со двете држави во текот на конфликтот. Но промената од посредување на дипломатската преговарачка маса во испраќање на набљудувачки мисии на фронтот веројатно ќе ја ограничи улогата на Москва како регионален хегемон, затоа што сака да ја одржува рамнотежата во интересите на двете поранешни советски држави.

– Руските мировници сега ќе бидат голем елемент во билатералната агенда на Ерменија и на Азербејџан. Обновувањето или необновувањето на нивниот мандат ќе биде средство на договарање и надмоќ што ќе влијае на многу други прашања. Тешко ќе оди справувањето со таквото влијание, а да не потсетува на поранешна империјална сила – вели Лоренс Броерс, директор на кавкаската програма во организацијата за градење на мир „Ресурси за помирување“.

Руското министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека силите поддржани од 90 вооружени оклопни транспортери и стотици други возила целосно биле распоредени по фронтовските  линии и биле поставени седум набљудувачки пункта по должината на таканаречениот Лачински коридор, односно планинскиот премин кој го поврзува Нагорно Карабах со Ерменија и ќе биде отворен според одредбите од примирјето. Во раните знаци на предизвиците од спроведувањето на договорот, рокот кој првично истече во неделата за предавање на контролата во Келбаџар од Ерменија на Азербејџан беше одложено за 10 дена поради граѓанскиот егзодус и прашањата околу судбината на илјадагодишниот манастир Дадиванк кој се наоѓа токму таму.

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев во саботата побара да „се зачува нормалното функционирање на овие свети места“ по предавањето на контролата. Но руското министерство за одбрана изјави дека два дена подоцна испратило војска во важното христијанско место „по барање на локалните ерменски жители“ и размислуваше за да најде начин како да го овозможи пристапот до манастирот, и покрај планот да му припадне на Азербејџан.

Русија исто така мора да се спротивстави на засиленото влијание на Турција чија поддршка на Баку на бојното поле беше многу важна за воениот успех и ја стави во позиција на клучен играч во регионот кој Москва го смета за свој двор. Азербејџан постојано апелираше турските војници исто така да се вклучат во мировничката мисија, но Кремљ порача дека за нив нема простор според одредбите на договорот за прекин на огнот. Покрај тоа, турскиот парламент во вторникот му даде зелено светло на претседателот Реџеп Таип Ердоган да испрати војска во Азербејџан, за да служи заедно со руската во центарот за мониторинг на прекин на огнот.

Според Кукер, „Азербејџан можеби не ѝ верува на Русија и на нејзината непристрасност. Претседателот Алиев отсекогаш се залагал за азербејџанската врска со Турција, а според сегашниот договор сигурно ќе сака силно турско воено присуство како противтежа на Русија“.

Но во отсуство на план за трајно решение на територијалниот спор кој трае со генерации, Русија најверојатно ќе се најде во незавидна позиција, во која ќе биде принудена на компромисни решенија што нема да задоволат ниту една страна.

Превод: Билјана Здравковска