На 6 ноември Судан и Русија потпишаа документ што на Русите им дозволува формирање поморска база и центар за снабдување. Според овој договор, базата ќе може да прими 300 луѓе (воен и цивилен персонал), а постои можност и за закотвување до 4 пловни објекти од секаков вид. Суданската влада бесплатно ќе обезбеди комплетна инфраструктура и дел од околната територија. Наедно, Русија ќе има право да доставува и складира секакво оружје, како и цивилна и воена опрема. Локацијата и инфраструктурата во следните 25 години ќе бидат под руска јурисдикција, со можност за продолжување уште на десет години. Русија веќе подолго време преговараше за отворање воен центар, а преговорите се забрзаа во 2017 година, со доаѓањето во Москва на суданскиот претседател Ал-Башир. По неговото соборување од власт во 2019 година, преговорите ги продолжи новиот поглавар на државата, Фатах ал-Бурхан

Фељтон: Амбициите на големите сили на глобален план (1)

Изградбата на руска воена база на африканскиот континент, во Судан е нешто ново, бидејќи Русија уште од времето на Студената војна нема воени бази или инфраструктура на територијата на африканскиот континент. Таа би овозможила проекција на руската воена моќ и политичко влијание во Црвено Море, Персискиот Залив и Индиски Океан, а испораката на нови фрегати или крстосувачи со нови модели на проектилите „калибар“, во најмала рака, би значела ефикасно средство за манифестација на геополитичката симболика и престижот на Русија. Оттука, се наметнува прашањето дали овој договор има повеќе симболично значење, дали е изолиран случај на прагматичната руска политика за профитабилно јакнење на меѓународната сцена или, пак, е дел од една поширока стратегија, чија конечна цел би била воспоставување и консолидирање на трајното влијание во Африка.

Русија и Црниот Континент

Сѐ до 20 век Русија не беше присутна на територијата на Африка, ниту пак одржуваше дипломатска комуникација и релации со кого било на овој континент. За тоа постојат неколку причини: Русија не поседуваше надворешнополитичка стратегија, дејствуваше инстинктивно и акутно реагираше на развојот на настаните и меѓународните околности. Основна цел беше постепено територијално проширување и вршење влијание врз блиските соседи, т.е. создавање стратегиска „длабочина“, која би ги оневозможила потенцијалните освојувачи во намерите за освојување и припојување на Русија. Надворешната политика не се водеше толку од идеолошки и политички ставови, колку од своевиден страв, изразена потреба за безбедност и одржување рамнотежа меѓу другите, а во корист на Москва. Најдобар пример за тоа се интервенциите за време на Наполеоновите војни, руското империјалистичко ширење, Првата светска војна и ерата на Сталин. Освен тоа, со оглед на руската географска положба, не постоеше директна копнена или поморска врска со африканскиот континент, која би овозможила каква било трговска или културно-дипломатска интеракција.

Истовремено, со создавањето свои колонијални царства, другите светски сили воспоставија строги и јасно дефинирани зони на влијание, спречувајќи ги на тој начин преостанатите актери да реализираат контакти во нивните зони – со што на Русија ѝ беше оневозможен посериозен пристап до овие територии, анализира Матковиќ за „Геополитика њуз“.
Меѓутоа, процесот на деколонизација и смртта на Сталин драстично ја смени ситуацијата. Расчистувањето на последиците од виорот на Втората светска војна јасно укажа дека старите колонијални сили ослабеа и не се способни да одржуваат цврста контрола над своите имоти, што беше силен катализатор за низа движења за еманципација и национално ослободување. Ова поведе создавање нови, суверени и независни африкански држави, кои сепак останаа приврзани кон своите некогашни колонизатори. Да потсетиме дека Сталин водеше една повеќе изолациска и дефанзивна политика, чиј фокус беше насочен кон советското соседство, Источна Европа и Далечниот Исток. Тука голема улога одиграа Варшавскиот договор и обидот за воспоставување сателитски односи со потенцијалните партнери и сојузници.

Хрушчов ја урива сликата за државата на Сталин

Со смртта на Сталин и доаѓањето на власт на Хрушчов дојде до промена во насоката на внатрешната и надворешната политика. Хрушчов ја урна сликата за државата на Сталин, го отвори СССР кон светот и се фокусира на градење проактивна и поотворена надворешна политика. Новиот советски пристап беше комбинација од идеолошки определби и прагматичен пристап во контекст на биполарно одмерување на силите. СССР почна да ја нагласува својата идеолошка посветеност против расизмот и колонијализмот. Често се нагласуваше отсуството на советски колонијализам и експлоататорски тенденции во советската надворешна политика, која, во однос на африканското прашање, беше во контраст со земјите од Западот. На тој начин, советскиот пристап беше во рамнотежа помеѓу идеолошките размислувања, од една, и економскиот реализам, од друга страна.
На почетоците на деколонизацијата, СССР се соочуваше со недостиг од знаење за Африка и за елементите што влијаат на динамиката на меѓусебните односи на локалните и регионалните актери, но и во однос на надворешните сили. Советските писатели и аналитичари ги нагласуваа западниот расизам и експлоатација, но сите размислувања и анализи мораа да бидат во строго сталинистички интерпретативни модели, кои оневозможуваа да се види поголемата слика. Уште за време на сталинистичките „чистки“, многу африкански интелектуалци и поединци посветени на проучување на овој континент беа безмилосно прогонувани и ликвидирани. На почетокот на Втората светска војна, СССР се откажа од интернационалистичките идеи, посветувајќи се на одбранбениот реализам, а тоа, пак, водеше кон изолација на советското општество. Хрушчов реши да ги промени овие трендови, отворајќи го СССР за секаков вид соработка.

Во периодот кога Гана се стекнуваше со независност, советските медиуми почнаа со охрабрување и поттикнување на процесот на деколонизација. Советите се обидуваа да најдат пријатели и потенцијални партнери меѓу новонастанатите нации и глобални актери. Во рамките на ваквите тенденции, во 1958 година, панафриканистот Ду Боа почна јавно да се залага за отворање институт за панафриканска историја, социологија, етнографија и антропологија во рамките на Советската академија на науките. Така, во 1959 година Централниот комитет донесе посебна резолуција за формирање на Институтот за истражување африкански студии, подоцна познат како Африкански институт. СССР почна со обука на кадри и персонал одговорни за интеракција и односи со африканските држави, а наедно се поттикнаа студентската и академската размена. Резултатот се виде веќе во периодот 1959-1961, кога бројот на Африканци во СССР се зголеми од 72 на 500, за во 1970-тите да се искачи и над 5.000. Сепак, размената не ги постигна очекуваните резултати – студентите не беа идеолошки марксисти, ниту пак беа особено привлечени од значењето на советските идеи. За нив ова беше само корисна можност да се стекнат со образование на универзитетите во Европа и на Истокот, кое потоа би го примениле во своите татковини. Иако Советите успеаја на некое време да се „закотват“ во Гана, Кенија, Алжир и Конго, сето тоа траеше кратко, зашто тамошните режими не беа рецептивни за советските идеи, а самото инсистирање на советско влијание создаваше сосема спротивен ефект.

Генералните неуспеси и заминувањето на Хрушчов предизвикаа промени во советската политика кон Африка, која стана попрагматична и се фокусира на давање воена и економска помош (вторава беше насочена и кон државите што не се приклонуваа кон Москва, со надеж дека така ќе станат поприемливи за СССР). Со ваквата тактика, Сојузот се обиде да воспостави профитабилни односи со Нигерија и Јужна Африка и да ги засили контактите со ОН.
Наедно, СССР воспостави пријателски односи со новите режими во Сомалија и Етиопија, поддржувајќи го Народниот фронт за ослободување на Ангола, со што ја претвори супсахарска Африка во ново бојно поле на Студената војна. Русите се надеваа дека ќе може да изградат воена база на Рогот на Африка, за да ја проектираат својата моќ во водите на Индиски Океан.
Меѓутоа, политиката кон Сомалија и Етиопија во рамките на Огаденската војна (осуммесечен етиопско-сомалиски конфликт што се одвиваше во спорниот регион Огаден) ги фрли во вода сите нивни аспирации.
Со доаѓањето на Горбачов, советската политика се менува од корен – дотогашната политика кон Африка беше осудена како неефикасна и скапа за премногу „развлечените“ советски ресурси и капацитети, со што постепено се намалуваше во обем и речиси целосно исчезна со распадот на СССР и основањето на Руската Федерација.

(продолжува)