Руското обвинителство сака да сослуша агенти од разузнавањето на САД и еден поранешен американски амбасадор во Москва во врска со истрагата за финансискиот криминал на британски инвеститор во Русија.

Претставникот на руското Државно обвинителство Александар Куреној ова го соопшти ден по средбата меѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин. На неа Путин предложил американски инспектори да ги испрашуваат агентите од руското воено разузнавање, осомничени за хакерско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година.

Сега во замена Русија сака да испрашува Американци, за кои смета дека се вмешани во криминалот на Британецот Вилијам Браудер.

Основачот на Фондот „Еермитаж капитал” (Hermitage Capital), Браудер придонесува за прифаќањето во САД на т.н. Закон Магнитски, со кој се  налагаат санкции на лица одговорни за смртта на рускиот адвокат и борец против корупцијата Сергеј Магнитски, кој почина во затвор.

– Криминалната група на Браудер, од Русија изнела сума од 1,5 милијарди долари во оф-шор компании, а од овие пари на сметки на Демократската партија во САД и биле префрлени најмалку 400 илјади долари, изјави портпарол на обвинителството.

Тој додаде дека вчера претседателот Путин на прес-конференцијата  во Хелсинки рекол „400 милиони”, но замолил лапсусот да му да биде коригиран.