Русија објави дека протерала албански дипломат, што претставува одмазда за протерувањето на рускиот дипломат од Албанија во јануари.

Според руското соопштение, првата секретарка на албанската амбасада, Јонида Дрогу, е прогласена за непожелна личност.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека албанскиот дипломат мора да ја напушти Русија во рок од 72 часа.

– Ова е одмаздничка мерка по одлуката на Албанија да го протера првиот секретар на руската амбасада во Тирана – се наведува во соопштението.

Рускиот дипломат Алексеј Кирвочеев мораше да ја напушти Албанија во јануари поради кршење на владините прописи за борба против пандемијата на коронавирусот.

Русија соопшти дека тоа е „измислен изговор“.

Во март 2018 година, Албанија протера двајца руски дипломати за „вклучување во активности несоодветни за дипломатски статус“.