По дводневен молк, Русија призна дека експлозијата која во четвртокот се случи во база за лансирање на проектили на далечниот север на земјата, имала нуклеарни карактеристики и ја зголеми официјалната бројка на жртви на петмина загинати.

Во соопштение, руската нуклеарна агенција „Росатом“ објави дека во експлозијата загинале петмина членови од нивниот персонал и дека три лица претрпеле изгореници.

„Росатом“ прецизираше дека негов персонал обезбедувал техничка поддршка за „изотопски извор на енергија“ на моторот на проектилот, додека пак војската не спомена нуклеарно гориво во врска со несреќата.

Во соопштението на „Росатом“ на кое се повикаа и неколку руски медиуми се наведува дека несреќата се случила на поморска платформа и дека од силата на експлозијата неколку работници биле исфрлени во морето.

– Ги баравме додека имаше надеж дека ќе ги најдеме живи. Сега објавуваме дека загинати се петмина соработници на „Росатом“ – се вели во соопштението.

Веднаш по несреќата, руското министерството за одбрана изјави дека се случила експлозија при тестирање на мотор на проектил со течен погон и дека двајца стручњаци им подлегнале на повредите. До денеска не е јасно дали петте мртви што ги спомнува „Росатом“ ги вклучуваат и овие двајца стручњаци.

Властите досега објавија малку детали за несреќата во базата која инаку е отворена во 1954 година и е специјализирана за тестирање на проектили на руската флота и балистички ракети.

Руската војска и портпаролот на регионалниот гувернер во четвртокот соопштија дека нема радиоактивно загадување, но градската администрација на Северодвинск, град со 190.000 жители на 30 километри од базата, на својата веб-страница наведе дека регистрирано е краткорочно зголемување на радиоактивноста.

Објавата потоа беше тргната од интернет-страницата на градското собрание, иако во истата не беше прецизирано до кој степен се зголемила радиоактивноста.