Новиот проект, познат како „Моќта на Сибир“, е дел од планот на рускиот претседател Владимир Путин за намалување на зависноста на неговата земја од пазарите во Европа и да земе дел од колачот од брзорастечките економии во Азија. За Кина, чие домашно енергетско производство не може да ги задоволи барањата, гасоводот нуди нов витален извор на енергенти, наведува „Блумберг“

Русија забрзано го насочува својот енергетски бизнис кон Истокот и големиот кинески пазар. Најголемиот светски извозник на природен гас изгради огромен гасовод, кој се протега од Сибир до кинеската граница, за да ги задоволи сѐ поголемите енергетски потреби на Кина. Новиот проект, познат како „Моќта на Сибир“, е дел од планот на рускиот претседател Владимир Путин за намалување на зависноста на неговата земја од пазарите во Европа и да земе дел од колачот од брзорастечките економии во Азија. За Кина, чие домашно енергетско производство не може да ги задоволи барањата, гасоводот нуди нов витален извор на енергенти, наведува „Блумберг“.

Гасоводот, изграден од рускиот енергетски гигант „Газпром“, се протега во должина од околу 3.000 километри, од новите полиња со гас Чајанда и Ковикта во најстудениот дел на Сибир па до Благовешченск, во близината на кинеската граница. Друг гасовод во Кина е поврзан со рускиот систем и ќе се протега уште 3.370 километри до Шангај. Рускиот дел од гасоводот е управуван од „Газпром“, кој во 2014 година потпиша 30-годишен договор, во вредност од 400 милијарди долари, за испорака на 38 милијарди кубни метри гас годишно до „Чајна нејшнл петролеум корп“. Станува збор за најголемиот договор досега на руската компанија. „Газпром“ почна со полнење на гасоводот во октомври, а официјалното пуштање во употреба е планирано за втори декември, кога се очекува Путин и кинескиот колега Си Џинпинг преку заедничка видеоврска да ја одбележат церемонијата. Рускиот гигант планира да почне со испорака на десет милиони кубни метри на ден и да го достигне максималниот капацитет до 2025 година. Покрај тоа, Русија би можела да го прошири системот и кон запад, овозможувајќи сиберискиот да тече и во таа насока.

„Моќта на Сибир“ ѝ обезбедува предност на Русија во период на влошување на односите со Европа. Досега, поголемиот дел од руското производство на гас беше извезувано кон запад, и тоа најмногу преку гасоводите во Украина. Но Русија и Украина со години спорат за транзитните такси, а Москва во два наврата ја прекина испораката во средина на зима. Политичките односи помеѓу Европа и Русија се во надолна линија по руската анексија на Крим во 2014 година, на која САД и ЕУ одговорија со воведување санкции. Од друга страна, Русија има големи резерви на гас на крајниот исток од земјата, кои се поблиску до Кина отколку до Европа.

„Блумберг“ наведува дека Кина е најголемиот светски потрошувач и увозник на енергенти. Па, така, рускиот гас ќе го дополни производството од кинеските домашни извори и би можел да биде поевтин од течниот гас што пристигнува со танкери. Двете земји веќе преговараат за втора врска, позната како „Моќта на Сибир 2“, која би ги снабдувала индустриските области на кинескиот источен брег. Кина исто така управува со гасоводот „Централна Азија – Кина“, кој главно носи од Туркменистан преку Узбекистан и Казахстан.

Податоците на Меѓународната агенција за енергија покажуваат големо зголемување на кинеската потрошувачка за гас во изминатата деценија, при што само во изминатите две години бележи пораст од 33 отсто. Истовремено, увозот задоволува сѐ поголем дел од кинеските барања, достигнувајќи 43 отсто во 2018 година, од кои 40 проценти се од гасоводот „Централна Азија – Кина“, додека остатокот се однесува на течен гас, кој главно се увезува од Австралија, Катар, Малезија и од Индонезија. Кинеската побарувачка значајно се зголеми откако владата принуди милиони фабрики и домови да се префрлат од јаглен на гас, во обид за намалување на загадувањето и емисијата на јаглерод-диоксид.


Москва му продаде дел од „Газпром“ на непознат купувач

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ објави дека продал 3,6 проценти од сопственичкиот удел на купувач чиј идентитет не е објавен, со што заработил речиси три милијарди долари. Руската компанија во слична трансакција во јули продаде 2,9 отсто од сопственичкиот удел, со што инкасира 2,2 милијарди долари. Иако „Газпром“ не е должен да ги објави имињата на купувачите, бидејќи се купени акции од помалку од пет отсто, податоците на Московската берза покажуваат дека во најновата трансакција акциите ги купил само еден купувач, наведува Ројтерс.