Русија бара начини како да ги заобиколи американските санкции и сама да го заврши гасоводниот проект „Северен тек 2“ без меѓународна помош.
САД се главни критичари на гасоводот, кој ќе ѝ овозможи на Русија да пренесува природен гас директно во Европа преку Балтичко Море, заобиколувајќи го традиционалниот пат преку Украина. Вашингтон, заедно со источноевропските земји, кои исто така се спротивставуваат на проектот, тврди дека тој само ќе ја зголеми зависноста на Европа од руските енергенти.

Американските санкции во декември 2019 година го принудија клучниот швајцарски подизведувач „Олсис“ да ги повлече своите бродови за поставување цевки од рускиот гасоводен проект. „Северен тек 2“ е во сопственост на руски „Газпром“, со инвестиции од повеќе европски компании.

Во јануари 2020 година, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија би можела самостојно да го заврши гасоводниот проект. Москва би можела да го искористи својот брод „Академик Черски“ за да ги постави последните 160 километри цевки од гасоводот. Според „Блумберг“, бродот, кој е во сопственост на „Газпром“, на 9 февруари испловил од источниот брег на Русија и би можел да тргне во мисија за завршување на „Северен тек 2“.