Русија се подготвува да ги спроведе најголемите воени вежби по распадот на Советскиот Сојуз. Воената вежба „Восток 2018“ ќе се одржи на Далечниот Исток и во Сибир и ќе вклучува војници од Кина и од Монголија.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека маневрите закажани за овој месец ќе бидат најголеми досега по западните воени вежби од 1981 година, кои вклучуваа дури 150.000 војници.

Во воената вежба ќе бидат вклучени источните и централните воени окрузи, Северната флота, воздухопловните сили, како и авиони со долг дострел и за воен транспорт, порача Шојгу.

„Восток 2018“ (или „Исток 2018) првпат ќе вклучи кинески сили во воената вежба. Кина наводно ќе испрати околу 3.200 војници, 900 парчиња оружје и 30 авиони со неподвижни крила и хеликоптери. Монголската армија ќе испрати помал број војници.