Рускиот парламент лани усвои нацрт-закон со кој се бара од руските интернет-провајдери да обезбедат независност на Рускиот интернет-простор (РИП) и,
во случај на странска агресија, да ја исклучат земјата од остатокот Интернет, пренесува Би-би-си

Русија планира накратко да се исклучи од глобалниот Интернет, како дел од тестот за капацитетите на нејзината сајбер-одбрана. Во таков случај податоците што се разменуваат помеѓу руските граѓани и организациите ќе останат внатре во земјата наместо да се пренасочуваат меѓународно. Рускиот парламент лани усвои нацрт-закон, со кој се бара од руските интернет-провајдери да обезбедат независност на Рускиот интернет-простор (РИП) и, во случај на странска агресија, да ја исклучат земјата од остатокот Интернет, пренесува Би-би-си.

Тестирањето треба да биде извршено пред први април, иако сѐ уште не е одреден точниот датум. Со нацрт-законот Национална програма за дигитална економија се бара од руските интернет-провајдери да се осигурат дека може да функционираат доколку странски сили дејствуваат за да ја изолираат земјата на Интернет. НАТО и неговите сојузници, како што наведува Би-би-си, ѝ се заканија со санкции на Русија, обвинувајќи ја за сајбер-напади и друго мешање на Интернет.

Со мерките предвидени во Националната програма за дигитална економија е планирано Русија да изгради сопствена верзија на мрежниот адресен систем (ДНС), за да може да функционира доколку се прекинати врските до овие меѓународно лоцирани сервери.

Во моментов 12 организации ги контролираат главните сервери за ДНС и ниту еден од нив не се наоѓа во Русија. И покрај тоа, многу копии од ДНС веќе постојат во Русија, што сугерира дека нејзините мрежни системи би можеле да продолжат да функционираат, дури и во случај да бидат преземени казнени мерки за нејзино исклучување од Интернет.
Во тестирањето исто така се очекува интернет-провајдерите да демонстрираат дека може да пренасочуваат податоци до интернет-точки контролирани од Владата. Тие ќе го филтрираат сообраќајот, за да може податоците што ќе бидат испратени помеѓу Русите да стигнат до својата дестинација, додека, пак, податоците испратени до странски компјутери ќе бидат отфрлени. Руската влада на крајот сака целиот домашен интернет-сообраќај да поминува низ овие точки за пренасочување.
Се смета дека сето ова е дел од напорите на Москва да воспостави масовен систем за цензура сличен на оној во Кина, која се обидува да го блокира забранетиот интернет-сообраќај. Руските медиуми пренесуваат дека домашните интернет-провајдери ги поддржуваат целите на нацрт-законот, но оти се поделени околу тоа на каков начин да се изведе тоа. Некои интернет-провајдери сметаат дека тестот ќе предизвика големо нарушување на интернет-сообраќајот во Русија. Руската влада им нуди финансиски средства на домашните интернет-провајдери за да ја модификуваат нивната инфраструктура, за да може правилно да се тестира пренасочувањето на интернет-сообраќајот.

Би-би-си посочува дека т.н. фаервол на Кина можеби е најпознатата алатка за цензура во светот и стана многу софистицирана операција. Кина исто така ги контролира своите точки за пренасочување, користејќи филтри, и блокира одредени веб-сајтови, па, така, Кинезите не може да пристапат до содржината на Интернет што не ѝ одговара на кинеската влада.

Можно е да се заобиколат некои од овие мерки, користејќи виртуелни приватни мрежи (ВПН), кои ја кријат локацијата на компјутерите за да не може да се активираат филтрите. Кина одвреме-навреме презема мерки против овие мрежи, а за нудењето или користењето нелегални ВПН може да следува затворска казна. Понекогаш, земјите случајно се исклучуваат од Интернет, како што беше случајот со Мавританија во 2018 година, кога остана два дена без Интернет откако беше пресечен подводен оптички кабел, најверојатно од патнички брод. 


Повици и од Македонија за распаѓање на Интернет

Разни аналитичари и новинари во светот апелираат или предвидуваат комплетно распаѓање или барем делумно „исклучување“ од Интернет и од социјалните мрежи, бидејќи тие нѐ претвораат во пасивни консументи, контролирани од технологијата, кои ја губат свеста и потребата за човечка интеракција.
Такви повици има и во Македонија, а еден од оние што прогнозира распаѓање на Интернет пред околу една деценија е и новинарот Сашо Орданоски. Тој, меѓу другото, вели дека кризата на либералната демократија на крајот ќе заврши со распаѓање на Интернет, бидејќи начинот на кој тој влијае врз функционирањето на демократијата не успева да обезбеди мобилизација на општеството, бидејќи тоа е толку фрагментирано што не може да се постигне основниот општествен консензус, а особено не онаму каде што нема идеологија.