Русија е главниот осомничен во истрагата спроведена од американските разузнавачки агенции за мистериозното заболување на персонал во Амбасадите на Куба и во Кина, објави Ен-Би-Си Њуз.

Со истрагата во која биле вклучени ФБИ, ЦИА и други агенции, има докази од пресретнување комуникации кои укажуваат на вмешаност на Москва, наведува медиумот, цитирајќи три извори и уште две лица.

Доказите сепак, не се толку убедливи за САД јавно да ја обвини Москва.

Во јули, американски официјални лица соопштија дека вршат истрага за здравствените проблеми на персоналот во американската Амбасада во Куба и не знаат што или кој стои зад мистериозното заболување што почна во 2016 година и погоди 26 Американци. Симптомите беа оштетување на слухот, зуење во ушите, вртоглавица, главоболка и умор, што може да се протолкува и како травматска повреда на мозокот.