Русија и Србија имаат намера да го укинат меѓусебниот роаминг во разговорите преку мобилните оператори, пренесува хрватски „Индекс“ повикувајќи се на информации од белградските медиуми, кои, пак, пренесуваат соопштение од Федералната антимонополска служба (ФАС).

Според наводите на ФАС, заменик-шефот на таа служба, Анатолиј Голомолзин, ја посетил Србија и со шефот на српската агенција за телекомуникации (РАТЕЛ) договорил старт на заеднички активности за укинување на роамингот.

– Постигнат е договор за размена на материјали и информации за правилата за недискриминаторски пристап во телекомуникациите и поштенските услуги, како и за заедничка работа за укинување на роамингот меѓу Русија и Србија – се вели во соопштението на руската служба ФАС.

На 4 април, за време на Дигиталниот самит на Западен Балкан беше потпишан Регионален договор за роаминг, според кој цените во првата фаза од 1 јули ќе се намалат за 27 отсто, додека од 1 јули 2021 година се очекува комплетно укинување на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан.