Русија постигна договор за истражување на планетата Венера во заедничка мисија со САД, изјави шефот на руската вселенска агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин.

– Со Американците се договоривме за заедничка мисија на Венера – рече Рогозин.

Тој додаде дека заедно полесно ќе го прифатат предизвикот и од економска и од техничка гледна точка.

– Ваквите проблеми полесно се решаваат заедно со користење на талентите на нашите научници – рече Рогозин, но не прецизираше кога мисијата би можела да биде лансирана.

Најблискиот планетарен сосед на Земјата, Венера е слична по големина на нашата планета, но нејзината површина е обвиткана со густи облаци, а поради катастрофалниот ефект на стаклена градина на површината е неколку стотици степени Целзиусови.

Русија првично најави мисија на Венера минатата година, со прелиминарни датуми на лансирање помеѓу 2027 и 2029 година. Неодамна, Обединетите Арапски Емирати, исто така, објавија намера да ја истражат планетата.