Јапонија мора да разбере дека Русија смета оти прашањето за Курилските Острови е затворено и да се соочи со фактот дека рускиот премиер Михаил Мишустин е во посета на руска територија, изјави за ТАСС потпретседателот на Комисијата за надворешни работи на Советот на Руската Федерација, Владимир Џабаров.

Претходно, јапонското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор во Јапонија, Михаил Галузин, за да изрази протест за посетата на Мишустин на островот Итуруп.

– Нашиот премиер патува низ руска територија што е неотуѓива од Русија. Тој стори сé во согласност со Уставот и не ни треба дозвола од друга земја за да ја посетиме сопствената територија. Мислам дека Јапонците треба да имаат помирен став кон ова. Тие мора да сфатат дека Русија го смета прашањето околу островите за затворено – нагласи Џабаров.

Тој посочи дека Русија повеќе пати ги повикувала Јапонците на економска соработка на островот, а Москва е заинтересирана за тоа.

– Тоа ќе биде од корист и за Јапонија и за Русија и ќе биде подобро отколку да се обидуваат да ги направат островите дел од Јапонија за американски бази да може да се појават таму следниот ден. Јапонците никогаш не го криеја тоа. Тие се под американскиот ракетен чадор и овие острови ќе беа предадени за распоредување на американски бази. Ова прашање не е предмет на дискусија за Русија – повтори тој.

Во понеделникот, Мишустин ја започна работната посета на Далечниот Исток на Русија и Сибир. Неговото патување започна со посета на Итуруп, кој е дел од Курилските Острови.