Русија воведе економски санкции за уште 245 Украинци и седум украински компании, во рамки на новите тензии меѓу Москва и Киев.

Санкционираните компании се главно од одбранбениот и енергетскиот сектор. Досега Москва го замрзна имотот на 567 Украинци и 75 украински фирми.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев истакна дека новите мерки се воведени поради „заштита на интересите на Владата, компаниите и граѓаните на Русија“.

Украинско-руските односи постојано се влошуваат од доаѓањето на прозападната власт во Киев во 2014 година. Тензиите се зголемија кон крајот на ноември, кога Русија заплени три украински воени бродови со сите членови на екипажот.

И Украина од своја страна воведе повеќе санкции за руските граѓани и компании.