Руските државни медиуми го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да побара азил во Русија за да го избегне потенцијалниот политички прогон откако ќе ја напушти Белата куќа, објавија светските медиуми, повикувајќи се на пишувањето на „Дејли бист“.

Олга Скабеева, водителка на руската државна телевизија Русија-1, неодамна рече дека барањето азил може да ги реши сите проблеми на Трамп, кој честопати изразуваше загриженост за обвинувањата со кои се соочува.

– Но, Трамп не треба само да дојде, туку и конечно да го изгради својот познат „Трамп Сити“ некаде во нашата Нова Москва – изјави Игор Короченко, член на јавниот совет на Министерството за одбрана на Русија, при гостувањето во телевизиска емисија.

Дмитриј Киселев, еден од најистакнатите руски телевизиски водители, за кој се смета дека е во целосна координација со Кремљ, рече дека единствениот начин на кој Трамп може да се спаси е самиот да си издаде помилување. Трамп, кој треба да ја напушти функцијата на 20 јануари, наводно, е во фокусот на повеќе истраги на обвинителите во Њујорк и Вашингтон.

Трамп е многу популарен во Русија и честопати државните медиуми го нарекуваат „нашиот Доналд“, „Трампјуша“ и „другарот Трамп“, пишува „Дејли бист“. Поради тоа, неколку истакнати државни медиуми сочувствуваа со маките на Трамп, па дури и ги обвинуваат демократите за таквата ситуација.

Засега не е сосема јасно дали руските медиуми се сериозни во врска со вакците изјави, но „Дејли бист“ нив ги опиша како „сигурен барометар на расположението на Кремљ“, а ги пренесоа и „Саут чајна морнинг пост“, „Бизнис инсајдер“, како и други светски медиуми.

Иако Џо Бајден победи на изборите во САД, Кремљ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема да му честита сѐ додека не се решат сите правни предизвици за изборниот резултат.