Русија соопшти денеска дека сириската војска ненамерно соборила руски воен авион над Сирија, но за тој инцидент го обвини Израел и му се закани со одмазда, јавуваат руските новински агенции.

Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека руски воен авион ИЛ-20 со 14 членови на екипажот исчезнал од радарот над Сирија во исто време кога израелските и француските сили изведувале воздушни напади врз цели во оваа блискоисточна држава. Потоа објави дека авионот бил соборен од сириската противвоздушна одбрана во таканаречен „пријателски оган“.

Но, Министерството смета дека за тоа е одговорен Израел бидејќи во време на инцидентот израелски воени авиони извршувале воздушни удари врз сириски цели и и дале на Москва само едноминутно предупредување, што не било доволно време рускиот авион да одлета на сигурно.

Министерството ги обвини израелските воени авиони дека намерно создале „опасна“ ситуација над сирискиот град Латакија, што се наоѓа во близина на руската воена база Хмејмин, каде што ИЛ-20 се подготвувал да слета, јави РИА.

Петнаесет руски војници загинаа заради, како што наведува Министерството, „неодговорните акции на Израел“.

– Тоа никако не е во духот на руско-израелското партнерство – рече Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана на Русија, при тоа додавајќи дека го задржуваат правото за преземање на пропорционални мерки.

Тој ги нарече израелските воени акции непријателски и провокативен чин.

Во време на исчезнување на леталото, сирискиот град Латакија беше цел на ракетен напад, па било одговорено со противвоздушна артилерија, пренесоа сириските државни медиуми.

Руското Министерство вели дека ИЛ-20 се враќал во базата Хмејмим кога околу 23 часот по локално време исчезнал од радарот.

Авионот тогаш се наоѓал над Средоземното Море, околу 35 километри од сирискиот брег.