Една од целите на Москва е „протерување“ на САД и на бившите колонијални сили Британија и Франција од регионот, пишува британски „Гардијан“, повикувајќи се на доверливи руски документи

Русија се обидува да го засили своето присуство во најмалку 13 земји во Африка преку градење односи со постојните лидери, склучување воени договори и со одгледување нова генерација „лидери“ и „агенти“, пренесува „Гардијан“, повикувајќи се на доверливи документи.

Мисијата за зголемување на руското влијание на континентот, според британскиот весник, е предводена од Евегниј Пригожин, руски бизнисмен и близок сојузник на претседателот Владимир Путин. Една од целите е „протерување“ на САД и на бившите колонијални сили Британија и Франција од регионот.

Пригожин е поврзан со приватната воена компанија „Вагнер груп“, која има свои платеници во борбите во Украина и во Сирија. Документот ги покажува размерот на неодамнешните операции, поврзани со Пригожин, во Африка и амбициите на Москва да го претвори регионот во стратегиска крстосница. „Гардијан“ потсетува дека Путин не покажуваше голем интерес за Африка во 2000-тите. Но западните санкции воведени во 2014 година поради анексијата на Крим, ја принудија Москва да бара нови геополитички пријатели и бизнис-можности.

Па, така, Русија има воено присуство и мировна мисија во Централноафриканската Република (ЦАР), која е опишана како стратегиски важна и тампон-зона помеѓу муслиманскиот север и христијанскиот југ. Тоа, според документот, ѝ овозможува на Москва да се шири низ континентот, а на руските компании да склучуваат профитабилни договори за минерали. Кремљ на 24 мај соопшти дека ќе испрати тим воени специјалисти во соседната Демократска Република Конго. Според Дмитриј Песков, портпаролот на Путин, тие ќе ја сервисираат руската воена опрема. Москва досега потпиша договори за воена соработка со околу 20 африкански држави.

Исто така, Кремљ неодамна соопшти дека ќе биде домаќин на првиот руско-африкански самит, што би требало да се одржи во октомври во црноморското летувалиште Сочи. Настанот ќе го водат Путин и египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси. Според најавите, околу 50 африкански лидери ќе учествуваат на настанот, чија цел е зајакнување на политичката, економската и културолошката соработка.

„Гардијан“ наведува дека на карта од декември 2018 година може да се види нивото на соработка помеѓу руските компании и африканските влади. Најблиски односи се регистрирани со ЦАР, Судан, Мадагаскар, Зимбабве, Јужна Африка, Јужен Судан, ДР Конго, Чад и Замбија. Во други руски документи, Уганда, Екваторијална Гвинеја и Мали се наведени како земји во кои се планираат идни активности. Истовремено, Либија и Етиопија се означени како земји со кои е возможна соработка.

Една од клучните територии е Судан. Според „Гардијан“, руски специјалисти лани направиле програма за политички и економски реформи, чија цел е да го задржат на власт суданскиот претседател Омар ал Башир. Програмата наводно вклучува план за омаловажување на антивладините демонстранти. Во еден од доверливите документи е наведено писмото на Пригожин до Башир, во кое тој се жали дека претседателот, всушност, не ги следел неговите совети. Во меѓувреме, според документот, Москва сака да го искористи долгогодишниот територијален спор во Коморските Острови. Франција директно контролира еден од четирите острови во Индиски Океан.

Покрај тоа, Москва наводно планира изградба на трансафрикански пат и повеќе железнички линии. Железничка линија би можела да биде изградена за поврзување на Дакар во Сенегал со пристаништето Судан во Судан. Има предлози и за одделен автопат, во должина од 3.700 километри, што треба да го поврзе пристаништето Судан со Доула во Камерон.