Кремљ ќе им додели државни одликувања на двата пилота кои остварија успешно принудно слетување на патнички авион во кој имало 233 лица, утрово во близина на Москва, пренесува „Ројтерс“.

Министерството за здравство соопшти дека 23 лица се здобиле со повреди, но немало жртви при слетувањето на авионот во поле југоисточно од Москва, откако птици влегле во двата мотора на леталото.

– Им честитаме на пилотите-херои кои ги спасија животите на луѓето – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Државната телевизија го нарекува слетувањето на авионот „чудо над Раменск“, што се однесува на областа во московскиот регион каде што авионот слетал.

Дел од медиумите направија споредба на денешните случувања во Русија со летот 1549 на американскиот „Ју ес ервејс“ кој во 2009 година слета на реката Хадсон во Њујорк, откако удри во јато гуски. Слетувањето во Њујорк остана познато како „Чудото од Хадсон“.