Русија ги повикува бугарските власти да престанат со лов на вештерки што им штети на нивните национални интереси, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи го потегот на Софија за прогласување на персонал во руската амбасада за персона нон грата.

– Уште еднаш ја повикуваме Софија да престане да учествува во кампањата за лов на вештерки што им штети на националните интереси на Бугарија. Време е за враќање на конструктивната билатерална агенда, која е поприродна за односите меѓу Русија и Бугарија – се наведува во изјавата на Захарова, пренесе агенцијата ТАСС.

Захарова во изјавата посочи дека Русија може да одговори на ист начин, на протерувањето на двајца руски дипломати од Бугарија. Таа кажа дека во согласност со дипломатската практика, Русија го задржува правото да одговори соодветно.

Вчера бугарското Министерство за надворешни работи им даде 72 часа на двајца руски дипломати за да ја напуштат Бугарија, откако обвинителството истражувало шест лица за шпионажа во корист на Русија.

Министерството соопшти дека ја известило руската амбасада во Софија за својата одлука, по известувањето од Обвинителството дека двајца дипломати биле вмешани во аферата со шпионирање, објави „Ројтерс“.

Луѓето вмешани во скандалот наводно давале доверливи информации за Бугарија, НАТО и ЕУ на руската амбасада во Бугарија.